АТИНА ВО БОИТЕ НА ВИНОЖИТОТО: Грчкиот парламент со симболот на ЛГБТ заедницата (ФОТО/ВИДЕО)

830

Под слоганот „Присутна“, илјадници граѓани, припадници и поддржувачи на ЛГБТ заедницата, претставници на политички партии и на дипломатските претставништва во Грција, маршираа низ улиците на Атина на 14-та традиционална Парада на гордоста.

Во боите на виножитото беше обоен центарот на Атина, а за првпат оваа година и грчкиот парламент ја поддржа парадата и еден дел од објектот беше осветлен со знамето симбол на ЛГБТ.

Организаторите велат дека оваа година парадата беше доста масовна, а по вторпат, централниот настан беше пред парламентот.

Не е лесно да си ЛГБТ во Грција, но ситуацијата се подобрува

Изгласаните закони за склучување граѓански договор за соживот на истополови парови и можноста за промена на полот во личните карти без операција се позитивните чекори што се направени во Грција за подобрување на ситуацијата и правата на ЛГБТ заедницата, велат учесниците на парадата.

Никос е трансвестит, вели дека во тинејџерскиот период не било лесно да си „поразличен“ од другите, но сега неговиот живот тече нормално, без проблеми.

– Постои слобода во Грција за секој да си се самоопредели. Во изминатите години направени се многу работи, подобрена е ситуација, но се зависи од другиот, на каков човек наидуваш. Некои кон мене се однесуваат нормално, некои се порезервирани, вели Никос и потенцира дека се самоопределува како „божица“.

Иро и Димитрис јавно и без предрасуди велат дека се хомосексуалци, не се срамат ниту се плашат од својата сексуална ориентација, но потенцираат дека сепак грчкото општество не е 100% подготвено да ги прифати такви какви што се.

– Проблеми имав додека учев и студирав. Постоеја пријатели од кои почувствував некој вид на расизам, но најважна за мене беше поддршката од родителите. Во Грција општеството толерира, но тоа не значи дека прифаќа хомосексуалци или транссексуалци, вели Иро.

Нејзиниот пријател, Димитрис, објаснува дека е позитивно тоа што во Атина постојат голем број геј барови, но во останатите кафулиња и клубови имаат одредена мера на страв.

– Ситуацијата е подобрена во споредба од тоа каква беше пред неколку години, но за жал, се уште постојат предрасуди и хомофобија. Во геј баровите сме опуштени, но само таму. Тоа што мене не ми се допаѓаат жени, туку мажи, не ме прави воопшто поразличен од другите, треба да имаме еднакви права, вели Димитрис во разговор за МИА.

Политичките партии ја поддржаа парадата

Со свои штандови, парадата ја поддржаа голем дел од грчките политички партии, меѓу кои и владејачката СИРИЗА, додека пак на присутните, пред официјалниот старт на парадата, им се обрати владиниот портпарол и министер без ресор на Грција, Димитрис Ѕанакопулос, кој рече дека за него е големо задоволство што за прв пат, грчката влада е „присутна“ на парадата, користејќи го и официјалниот слоган на „Athens Pride 2018“.

– Мислам дека направивме многу чекори, но остануваат уште многу други што треба да ги направиме. Мислам дека веќе е време и грчкото општество да разбере дека треба да ја отвориме дискусијата за обезбедување на правото на граѓански брак за ЛГБТ паровите, рече Ѕанакопулос во неговиот поздравен говор и наиде на овации и аплаузи кај присутните.

Дописничката на МИА од Атина, поразговара со Вики Цефала од подмладокот на СИРИЗА која слично како и владиниот портпарол, смета дека потребно е ЛГБТ лицата да имаат право на склучување брак и посвојување деца како и сите парови.

– Без разлика дали сме стрејт, геј, лезбијки, за нас сите луѓе се исти, не постојат граѓани од втор ред и сите луѓе треба да имаат еднакви права, затоа што само така ќе можеме да говориме за едно вистински рамноправно општество. Многу работи се подобрени во Грција, но најважно е работите да се подобрат и во секојдневието на ЛГБТ луѓето, вели Цефала и додава дека тие, како подмладок на СИРИЗА секогаш се заедно со ЛГБТ заедницата и се борат заедно со нив за нивните права.

Освен политичките партии, Парадата на гордоста доби поддршка и од претседателот на грчкиот парламент, но и од 32 странски дипломатски претставништва во Грција.

Македонија повторно учесник на „Thessaloniki pride“ на 23 јуни

Парадата на гордоста во Атина се одржа по 14 пат, додека пак за две седмици, на  23 јуни, Солун ќе биде домаќин на 7та, „Thessaloniki pride“. Во изминатите години, таму, Македонија имаше свои учесници, а организаторите во разговор со дописничката на МИА од Атина, велат дека имаат одлична соработка со претставници на ЛГБТ од кај нас.

– Многу години соработуваме со Скопје, секоја година ни праќаат претставник што учествува со нас во организацијата. Ќе имаме и оваа година, вели Сози од „Thessaloniki pride“.

Парадата во Солун е со помала традиција од онаа во Атина, но секоја година станува помасовна.

– Првата година за нас, признавам дека беше многу тешка, затоа што северна Грција е поконзервативна од останатиот дел на земјата, но со храброст и смелост, можам да кажам дека и во однос на учеството и посетеноста и во однос на поддршката, стигнавме до степен како што е во Атина, вели Сози, која е дел од организаторите на парадата на гордоста во Солун.

(Mia.mk)