Бектеши: Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од нашата земја

63

Министерството за трговија и индустрија на Косово, денеска го извести Министерството за економија на Македонија дека се укинати бариерите за извоз на мед и компир. Според договореното на состанокот меѓу министерот за економија, Крешник Бектеши, и министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрид Шала, кој се одржа пред две недели, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово на крајот на минатата недела ги достави потребните документи дека е извршен активен и пасивен мониторинг на икри и подмладок, кои беа потребни за да може да ги увезува овие производи во Република Северна Македонија.

Кога Агенцијата за храна и ветеринатрство на Република Северна Македонија изврши увид на терен и утврди дека се исполнети сите обврски од косовската страна, во согласност со законската регулатива Министерството за економија денеска донесе одлука Република Косово повторно да биде ставена на листата на земји од кои е дозволен увоз на икра и подмладок.

„Иако со задоцнување од една недела Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово ја достави програмата за спроведување активен и пасивен мониторинг за икри и подмладок на риби и во согласност со тоа Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија повторно ги стави на листата на држави што може да увезуваат икри и подмладок од Северна Македонија, а со тоа и Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од нашата земја. Со тоа целосно се отстрануваат пречките што настанаа од двете страни“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Тој потенцира дека Северна Македонија нема да прави компроимиси кога станува збор за стандардите што треба да бидат исполнети во согласност со европската регулатива.

„Ние како Влада сме целосно посветени на исполнување на сите стандарди, а имајќи предвид дека во октомври очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија, ние ги преземаме сите обврскии и нема да отстапиме. Како Влада правиме сè што е во наша можност да отвориме нови пазари, но истовремено и да ги заштитиме граѓаните со поголема контрола на здравствената состојба на производите што се увезуваат во земјата“, потенцира Бектеши.

Мерката за забрана на увоз на икри и подмладок не беше преземена само за Република Косово, туку и за сите земји што не спроведуваат активен и пасивен мониторинг во врска со рибните производи.