Белгија ќе има рок од два месеци да реши за евентуалната екстрадиција на Пуџдемон

156
Belgija

Белгиското правосудство би имало рок од 60 дена да реши за евентуална екстрадиција на разрешениот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон, доколку шпанскиот Врховен суд објави налог за негово апсење. 

Неименувани извори во шпанскиот Врховен суд синоќа најавија дека оваа највисока судска инстанца во Шпанија денеска најверојатно ќе објави европска потерница за апсење на Пуџдемон, како и на остантите четворица членови на неговата разрешена Влада, кои се наоѓаат во Белгија и вчера не се јавија на сослушување во Судот.

Според белгиски правни експерти, согласно процедурата, по објавувањето на потерницата, таа треба да биде преведена на француски јазик и да и биде предадена на Белгија.

По примањето на налогот, по него треба да решава белгиското Јавно обвинителство, кое потоа би требало да поднесе барање до полицијата за апсење на Пуџдемон и останатите четворица „бегалаци“, кои се обвинети за бунт, антидржавни активности и злоупотреба на државни средства.