Блокадата за Македонија и Албанија топ тема во грчките медиуми

357

Совет за општи работи на ЕУ: Блокада на преговорите со Албанија и Северна Македонија“; „Не за Скопје и Тирана за почеток на пристапни преговори“; „Француска блокада на пристапните преговори на Скопје и Тирана“; „Франција- Холандија: Ја блокираат интеграцијата на С.Македонија и Албанија во ЕУ“; „Француско вето за пристапните преговори на Албанија и С.Македонија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми по вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ.

Медиумите во Грција, го пренесуваат текстот од државната новинска агенција АНА-МПА, како и од светските агенции, ја цитираат изјавата на комесарот за проширување и на финската министерка за европски прашања, но и објаснуваат дека за датумот за двете земји ќе се разговара на Самитот на Унијата на 17 и 18 октомври.

-Советот за општи прашања на ЕУ не даде зелено светло за почеток на пристапни преговори со С. Македонија и Албанија, бидејќи Франција не се согласи, а некои други земји беа воздржани, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА на почетокот од текстот.

– Вето за прашањето за пристапните преговори за Албанија и за Северна Македонија стави Франција. Во ова прашање, француско -германската оска е поделена, при што Меркел и Макрон доаѓаат со различни позиции на самитот на ЕУ, објави грчката државна телевизија „ЕРТ“.

-Министрите на ЕУ не успеаја да стигнат до договор за почеток на пристапни со Северна Македонија и Албанија, пишува „Ефимерида тон синдактон“.