Бугарите го купија „Фени“, вработените остануваат на работа

270
Feni

Бугарската компанија „Енекод” е нов сопственик на „Фени индустри”. Фабриката нема да оди во стечај и сите работници ќе останат со статусот што го имаа, информира претседателот на Синдикатот за индустрија, рударство и енергетика Пеце Ристевски.

Новиот сопственик на фабриката најавил нови вложувања.

– Проблемот е решен на задоволство на сите страни вклучени во преговорите. Од денеска кавадаречката компанија доби нов сопственик, тоа е бугарската „Енекод” која има 35 фирми со различни бизниси во Бугарија. „Енекод” ги презема сите обврски кон доверителите. Сите работници остануваат на работа без никакви промени во нивниот работен статус. Добија ветување од новиот сопственик за подготвеност и за нови вложувања со цел успешна натамошна работа, нагласи Ристевски.

Воедно напомена дека голема улога во преговорите за влез на новиот сопственик во Кавадарци имал потпретседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев, а Синдикатот цело време бил во тек со преговорите.

Како што информира Ристевски, на денешната средба во кавадаречката компанија биле присутни и Анѓушев и претставник на новиот сопственик, кој појаснил дека нема да има никакви проблеми и дека многу брзо ќе се продолжи со нормална работа. Струја и руда имало, неопходно било само јаглен  да се обезбеди, а имало и од каде да се донесе од Балканот.

Комбинатот за фероникел „Фени индустри” има околу 1.000 работници.