ВЛАДА: Договорот за името денеска ќе биде декласифициран

77
vlada-na-rm

Договорот за решевање на долгогодишниот спор за името што го постигнаат премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас денеска треба да се најде на седница на македонската Влада и да биде декласифициран.

Вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска синоќа во ТВ интервју изјави дека планот е Владата денеска да го дискутира и одобри договорот и веднаш потоа со грчката страна да се договори потпишување во текот на следните четири-пет дена за може да почне и постапката за ратификација во Собранието на Република Македонија.

Појасни дека се работи за период од десетина дена во кој ќе се договорат сите овие чекори.

– Сè уште и со грчката Влада разговараме околу датумот за потпишување бидејќи и кај нив има случувања. Од наша страна е коментарот на опозицијата и на Мицкоски, од нивна страна е нивната опозиција и коментарите на Мицотакис. Ако постојат најави дека ќе се гласа и во грчкото Собрание доверба или недоверба за грчката Влада, тоа може да влијае на датумот за потпишување, рече Шекеринска, додавајќи дека сакаат во следните четири-пет дена тоа да се заврши.

Неофицијално како датум во грчките медиуми се споменува 16 јуни. Заев и Ципрас би се сретнале в сабота во Преспа (на грчка територија), а договорот ќе го потпишат шефовите на двете дипломатии Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Откако премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас потврдија дека постигнале договор за решавање на спорот околу името и ги информираа граѓаните, опозициите во двете земји изразија негодување околу договореното, а македонскиот претседател Ѓорге Иванов во вчерашното обраќање истакна дека договорот е штетен и оти нема да го потпише.

Договорот, вчера, премиерот Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров му го доставија на претседателот Ѓорге Иванов.

Средбата беше куса, а Иванов вчера попладне рече дека нема да „легализира политички дивоградби“ и ја обвини Владата дека не собрала сили за да се изгради заеднички став и да се постигне национален консензус. Смета дека текстот на договорот е поразителен за РМ, бидејќи не предвидува само промена на уставното име, туку и на преамбулата на Уставот.

Vlada-na-RM

Владата, пак, во реакцијата што следуваше, соопшти дека со жалење констатира дека претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање до јавноста не успеал да се издигне над сопствената немоќ и да ја види перспективата што се отвора пред нашата држава со договорот што овие денови го финализираа и го договорија владите на Република Македонија и на Република Грција. Во соопштението Владата посочи дека претседателот Иванов нема чувство на одговорност и презема дејства на недозволива манипулација со што, како што е наведено, им штети на државата, на граѓаните и директно дејствува против јакнењето на македонскиот идентитет.

Премиерот Заев вчера се сретна со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и му го врачи договорот, како што тој претходно побара, а по средбата изјави дека како одговорни политичари, во дадениот момент имаат обврска да им овозможат на граѓаните на РМ да го остварат демократското право и да добијат шанса да го дадат своето мислење во однос на договорот.

Овој договор ја гарантира иднината на Македонија како членка на НАТО и ЕУ, истакнал Заев на средбата и како што се наведува, јасно посочувајќи му на Мицкоски дека и тие како опозиција треба да овозможат фер шанса последниот збор да го кажат граѓаните на референдум. Заев на средбата упатил порака дека политичките субјекти треба да се обединат околу идејата за референдум и заради националните приоритети на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ.

Меѓутоа Мицкоски останува на ставот дека договорот е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи предвидува промена на Уставот заради промена на името. Повтори дека овој договор за него и за ВМРО-ДПМНЕ е капитуалација на Република Македонија.

И додека и грчката Влада го поздравува договореното и се обидува да и објасни на јавноста дека договорот не е на штета на грчкиот народ, опозицијата побара од Ципрас да не го потпише.

Претседателот на Нова демократија Киријакос Мицотакис договорот го оцени како лош и мошне проблематичен.

– Не само затоа што е спротивен на ставот на мнозинството од грчкиот народ, бидејќи отстапува за македонски јазик и македонска националност, што за нас е неприфатлива национална отстапка, туку и за поради уште една дополнителна причина. Господинот Ципрас нема никаков политички легитимитет да го потпише овој договор, од моментот кога неговиот коалиционен партнер, јасно е против овој договор, рече Мицотакис.

Во меѓувреме, во јавноста се објавени делови од содржината на договорот.

Достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на македонскиот народ се заштитени со договорот постигнат меѓу Република Македонија и Грција, стои во владиниот нон-пејпер. Со договорот, македонскиот јазик е утврден, идентитетот е зачуван.

Имаме право да се определуваме како Македонци без какви било ограничувања, се нагласува во документот.

Со договорот, официјалното име за севкупна употреба ќе биде Република Северна Македонија или скратено – Северна Македонија.

Во однос на јазикот, предвидено е – македонски јазик, и во ОН останува да пишува – Македонски јазик – без каква било фуснота со дообјаснување.

Во врска со државјанството односно националноста, во договорот е утврдено – Македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.