ВМРО-ДПМНЕ: Аболицираниот Заев сега ги аболицира кодошите

228

МРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот што предвидува поништување на лустрацијата. Овој став го соопшти претпладнево пратеникот Зоран Илиоски, обвинувајќи дека „аболицираниот Зоран Заев сега ги аболицира кодошите“.

– Со остатоци од комунистичкиот режим, затскриени зад превез на демократија, не се оди во Европа – рече Илиоски.

Тој обвини дека со вакви законски решенија Македонија почнува да наликува на Северна Кореја.

– Со овој закон СДСМ им овозможува на кодошите од претходниот систем да земат пари од државата. Македонија е единствена држава во која нема да има лустрација на кодошите од комунистичкиот режим – рече Илиоски.

Во Собранието денеска почнува комисиската расправа за законот кој превидува поништување на лустрацијата и на последиците од неа. Законот го предложи владата на СДСМ неколку седмици пред изборот на техничката влада. Предлогот е во прва фаза од собраниската процедура, а за негово донесување се потребни најмалку 61 глас.