ВО ЦЕЛОСТ ОДОБРЕНО ОБВИНЕНИЕТО ПРОТИВ БОКИ 13 И КАТИЦА ЈАНЕВА ЗА „РЕКЕТ“

193

Во целост е одобрен обвинителниот акт за случајот „Рекет“ во кој обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец.

Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот кривичен суд денеска ги отфрли приговорите на осомничените како неосновани и по ова решение согласно одредбите до ЗКП, не се дозволува право на жалба.

„Откако по одобрениот обвинителен акт ќе биде оформен кривичен предмет истиот согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, а штом ќе биде закажан термин за одржување на јавна главна расправа, странките и јавноста ќе бидат известени“, велат од Кривичниот суд.

Боки 13 и Зоки Кичеец беа уапсени на 15 јули и по распитот во Основниот кривичен суд Скопје им беше одредена мерка притвор од 30 дена. Двајцата се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари.

Поранешната специјалната обвинителка Катица Јанева се сомничи за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањата. Јанева е во притвор од 21 август.