ГОЛЕМ ДЕН: Заев и Ципрас ќе бараат решение за името во Софија

315

Потврда на досега договореното, поддршка за продолжување на процесот, како и обиди за приближување на позициите во однос на спорните прашања, опсегот на употреба и измените на македонскиот Устав се очекува од денешната средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Во фокусот на вниманието на македонската и грчката јавност денеска е тет-а-тет средбата на двајцата премиери, која ќе се одржи на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

Заев и Ципрас, како што е најавено треба да се сретнат во 10:30 часот по бугарско време.

Средбата меѓу премиерите Заев и Ципрас изминатите денови се најавуваше како клучна во процесот на решавање на спорот за името. Последните изјави, и од македонската, и од грчката страна, сепак, се проткаени со воздржаност дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.

– Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но не можам да кажам дека имаме договор за прашањето за името, изјави Заев пред заминувањето за Софија.

 

Направен е напредок, но има уште пат да се изоди, напиша вчера грчкиот премиер на „Твитер“ во однос на преговорите за името, објавувајќи фотографии од подготвителниот Самит на партијата на европските социјалисти во Софија, во рамките на Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој присуствуваше и македонскиот премиер Заев.

– На Самитот на Партијата на европските социјалисти, лидерите ги поздравија досегашните наши напори за да најдеме заемно прифатливо решение за името. Истакнаа дека само прогресивни лидери би можеле да го постигнат тоа. Им се заблагодарив, признав дека се направени многу чекори на напредок, но има уште пат да се изоди. Последните метри се секогаш најтешки, напиша Алексис Ципрас на официјалниот твитер-профил на премиерот на Грција, во двата твита.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денешната средба ја оцени како исчекор кон конечно решение.

– Во однос на утрешната средба на премиерите Заев и Ципрас премиерот Заев вчера јавно кажа оти е премногу рано да се очекува такво нешто, но мислам дека оваа средба е исчекор кон конечно решение, рече Бошњаковски вчера на прес-конференција.

Според грчката страна двете преостанати прашања за решавање во процесот на преговорите за името се ерга омнес и ревизија на Уставот.

Тие, како што изјави вчера, aлтернатвниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, се од суштинско значење за Грција, а другата страна треба да направи отстапки.

– Станува збор за прашања што не се мали, за кои Скопје, за сега инсистира. Топката е на нивниот терен, вели Катругалос, додавајќи дека овие две прашања за Грција се од суштинско значење и предуслов за да постои решение и порачува дека „другата страна треба да ја направи неопходната отстапка“.

Хан за „Та неа“: Решението не е добро само за ПЈРМ, туку и за целиот регион

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во интервју за грчкиот весник „Та неа“, вчера изрази убеденост дека може да се постигне решение за името и оценува дека во Софија нема да биде одлучувачката точка за тоа дали ќе има решение, туку тоа што е важно во овој процес е квалитетот на договорот.

– Со оглед на напорите што ги вложија двете страни со посредство на претставникот на ОН, Метју Нимиц, убеден сум дека може да се најде решение. Дали тоа ќе се случи уште во Софија не е одлучувачката точка, тоа што е важно е квалитетот на договорот. Доколку е изводливо во Софија, ќе биде уште подобро. Но, најважна е одлучноста на двајцата лидери да стигнат до компромис прифатлив за двете земји. Решението не е добро само за Поранешната Југословенска Република Македонија, туку и за целиот регион, вели Хан.

А домаќинот на Самитот бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера изрази надеж дека што е можно поскоро ќе се реши спорот со името меѓу Македонија и Грција.

Борисов ова го изјави еден ден пред официјалниот почеток на Самитот ЕУ-Западен Балкан како и ден пред новата тет-а-тет средба меѓу премиерите на Македонија и Грција.

– Се надеваме дека конечно ќе се реши спорот со името на Македонија. Тоа е ваша работа. Ние само се надеваме, немојте да помислите дека ви солиме памет, рече Борисов на конференцијата „Дијалог со Западен Балкан: создавање на регион на раст, безбедност и поврзаност на патот кон Европа, која се одржа вчера.