Голем скок на цените на нафтата

414

На светските пазари цените на нафтата минатата недела силно се зголемија, достигнувајќи највисоко ниво од ноември минатата година, бидејќи членките на ОПЕК се придржуваат на договорот за намалување на производството и затоа што Саудиска Арабија најави дополнителни намалувања.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела скокна за 6,8 проценти, на 66,25 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 5,5 отсто, на 55,60 долари.

Скокот на цената на нафтата на највисоко ниво од ноември минатата година, е благодарение на податоците кои покажуваат дека членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери предводени од Русија, се придржуваат до минатогодишниот договор за намалување на производството од 1,2 милиони барели дневно.

Покрај тоа, водечката членка на ОПЕК, Саудиска Арабија најави дека во март ќе го намали производството за уште половина милион барели дневно, повеќе од она што беше договорено.

Дополнителна поддршка на цените даде затворањето на делот на саудиското поле Сафанија, најголемото нафтено поле на море, со производствен капацитет од малку повеќе од еден милион барели дневно.

Дел од полето беше затворен пред околу две недели, а сега не е јасно како ќе проработи повторно со полн капацитет.

Санкции на САД за Венецуела и Иран, исто така, ја ограничуваат понудата на нафта на светските пазари, а во една таква средина, аналитичарите од инвестициска Банк оф Америка Мерил Линч проценуваат дека ОПЕК во четвртиот квартал на пазарот може да пласира 2,5 милиони барели нафта дневно, помалку отколку во истиот период минатата година.