ГРАФИЧКА НОВЕЛА: Промоција на „ЦРНАТА АУРОРА“ од Ивица Дукоски и Владимир Благојевиќ – Владодлак

595

Дуото Ивица Дукоски и Владимир Благојевиќ – Владодлак овој петок (18 јануари ) со почеток во 20 часот во скопскиот локал „Цреша бар“ ќе ја промовираат графичката новела „ЦРНАТА АУРОРА“. Дукоски се потпишува зад сценариото, а Владодлак ги направи цртежите. Новелата е во издание на Стрип Квадрат.

„ЦРНАТА АУРОРА“ ја содржи целосната хорор епопеја за темниот облак од ѕвездена прашина што мистериозно се појавува над Скопје. Никој нема објаснение за овој феномен („НЛО? Порта кон пеколот? Многу чуден кумулонимбус?“), освен Ален Корбин кој стравува дека Црната аурора е директно поврзана со неговите кошмари.
Станува збор за прва графичка новела на тандемот Дукоски – Благојевиќ, а воедно и прва нивна соработка со Стрип Квадрат. Авторите зад себе го имаат и СФ стрип серијалот „Неонски ноќи“. За Стрип Квадрат ова издание е 21. по ред.
За време на промоцијата, авторите ќе зборуваат за делото кое ќе биде достапно по промотивна цена од 300 денари.
По промоцијата, „ЦРНАТА АУРОРА“ ќе биде достапна во стрип книжарницата Бункер и други книжарници низ Скопје.