Групата „Еye Cue“ ќе ја претставува Македонија на Евровизија

228

„Возбудени сме и пресреќни да ви соопштиме дека оваа година ќе ја претставуваме Македонија на Евровизија“, напиша на официјалната страна на Фејсбук групата „Еye Cue“.

Веста преку соопштение ја потврдија и од МТВ.

„На ден 10.02.2018 година во просториите на МТВ се одржа селекција на пристигнатите песни по распишаниот јавен повик за: Песна којашто ќе ја претставува Македонија на Евровизија, Лисабон 2018 година.

Комисијата беше во состав : Мери Попова – координатор на проектот Евровизија 2018 и уредник на Културно уметничка програма на МТВ1 , Каролина Петковска – Уредник на Редакција за Контактно забавни емисии во МТВ1, Александра Јовановска – уредник и водител на музичка емисија во МТВ1, Авни Ќаили – уредник на Културно уметничка програма на МТВ2, Бранка Костиќ Марковиќ – музички новинар и критичар, Андријана Јовановска – музички новинар во „Репортер МК“, Марко Марк – музички новинар во „Канал 77“ и водител во ТВ „Телма“ и Антонио Димитриевски – одговорен уредник во „Вистина МК“ и продуцент на музичката манифестација „Македонски радиски фестивал“.“

Во процесот на подготовка за селекција, МТВ поканила уште десет други личности коишто професионално се занимаваат со македонската и светска музичка сцена и случувања, но истите поради лични и субјективни причини не биле дел од селекционата комисија, се додава во соопштението.

„Од пристигнатите 382 композиции на меѓународниот повик за Избор на песна за Евровизија, комисијата по пат на елиминација во три круга, на крајот селектираше 12 композиции.

Секоја од композициите во последниот круг од страна на комисијата беше рангирана и бодувана според евровизискиот принцип на гласање.

По пребројувањето на гласовите, комисијата одлучи дека песната „Lost and found“ на авторот на музика и текст Бојан Трајковски и во аранжман на продуцентот Дарко Димитров, има убедливо најголем број гласови“, велат од МТВ.

Следело повторно преслушување, по што, Комисијата според правилата, едногласно заклучила дека: одбраната композиција на евровизиската сцена, најдобро ќе ја донесе групата „Еye Cue“ којашто е матична група на авторот со вокалистката Марија Ивановска.

„Комисијата е едногласна во ставот дека : одбраната композицијата има современ звук, впечатлив рефрен и текст, извонредни и оригинални вокални способности на изведувачот, што секако нуди и можност за квалитетен евровизиски пакет и достојно претставување на МРТ и Македонија на оваа престижна музичка манифестација во организација на ЕБУ“, се вели во соопштението.