Грците бараат тест за Ковид-19 за туристите

77

Речиси половина од Грците сметаат дека невработеноста е најсериозниот проблем со кој се соочува земјата, а девет од десет анкетирани одговараат дека треба на туристите да им се прави тест за Ковид-19, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Alco“ за грчката телевизија „Open“, јави дописничката на МИА од Атина.

На прашањето „дали сметаат дека на туристите што летово ќе дојдат во Грција би требало да им се направи тест за коронавирусот“, 89 отсто одговориле позитивно, а само девет негативно.

Дури 75 проценти од испитаниците сметаат дека многу влади во светот пред заканата од еконосмката криза ги укинуваат порано рестриктивните мерки и ја ставаат економијата над здравјето.

Од анкетираните, 49 отсто сметаат дека невработеноста е најголемиот проблем во земјата, наспроти 13 проценти што одговориле дека е пандемијата и 12 отсто, миграцискиот проблем.

Речиси поделено е мислењето на граѓаните во однос на тоа каква ќе биде ситуацијата во Грција во следните шест месеци. 47 отсто се песимисти, а 45 проценти оптимисти.

Во однос на распоредот на силите на грчката политичка сцена, владејачката Нова демократија добива 40,4 отсто, а СИРИЗА 23,5 проценти.

Истражувањето на јавното мислење било спроведено во периодот меѓу 2 и 8 јуни со вклучени 1.000 лица со право на глас.