ДАЛИ Е СРЕЌЕН 8 МАРТ? Женски марш во Скопје

150

Жени од различни професии денеска по повод 8 Март маршираа од „Жена парк“ до плоштадот „Филип Втори“ порачувајќи да се отфрлат стереотипите и да кажат „НЕ“ на насилството и омразата врз понежниот пол.

– Со овој марш, освен што ги славиме жените, ги повикуваме и нашите татковци, браќа, сопрузи и синови да се солидаризираат со жените во Македонија и заеднички да ги отфрлиме стереотипите и етикетите што не ограничуваат сите и да им кажеме „НЕ“ на насилството и омразата врз жените, порачаа учесничките на маршот.

Кон маршот се приклучија и премиерот Зоран Заев, вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богов.

– Како нова Влада покажавме дека во однос на прашањата за женската рамноправност водиме сосема различна политика и покажавме дека и бројките во политиката се важни, денеска во македонското Собрание имаме околу 45 проценти жени. Покажавме дека сметаме на жените и дека правата на жените се и наши права. Честит да ни е меѓународниот ден на жената и на овој меѓународен ден да покажеме дека знаеме како и во Македонија овие права да бидат гарантирани. Нашата борба тука не запира, истакна Шекеринска.

Маршот го организираше Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.