Дескоска: Ветинг во судството по избори

288

Ветингот во судството ќе се спроведе по изборите, најави министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска. Како причина за тоа е потребното двотретинско мнозинство што, според неа, е тешко за обезбедување во актуелниот состав на Парламентот. Но, истакна дека Владата во моментот разгледува опции за проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите, како и нивниот интегритет.

„Ништо не можете да смените во Собранието без двотретинско мнозинство иако верувам дека сите се свесни за потребата од ефикасна правда во државата. Мислам дека нема да се инсистира на одредени решенија со цел да се ослободат одредени обвинети за кои се водат постапки од СЈО“, изјави Дескоска.

Дескоска се осврна и на препораките од Венецијанската комисија околу употребата на Законот за јазици. Истите, според министерката за правда, се однесуваат на употребата на јазиците од носителите на јавни функции, но не и за граѓаните кои имаат законско право за употреба на албанскиот јазик. И по тоа прашање, нагласи Дескоска, се трага по начини за имплементација на препораките на Венецијанската комисија преку измени на Законот за судови и Законот за кривична постапка што, исто така, се носат со двотретинско мнозинство.