ДОГОВОР ЗА ИМЕТО: На владите им се бендиса, за опозициите е штетен

220
Makedonija_Grcija_zname

Откако премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас потврдија дека постигнале договор за решавање на спорот околу името и ги информираа граѓаните, опозициите во двете земји изразија негодување околу договореното, а македонскиот претседател Ѓорге Иванов во вчерашното обраќање истакна дека договорот е штетен и оти нема да го потпише.

На изјавата на Иванов регираше Владата на Република Македонија со став дека за македонската иднина не одлучува Иванов, туку граѓаните.

Во меѓувреме генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со порака дека поканата за членство во НАТО земјата ќе ја добие, но откако договорот ќе биде финализиран во двете земји.

Договорот денеска треба да се најде на владина седница и да биде декласифициран, а утре постои можност да биде и на дневен ред на седница на грчкиот Парламент. Следува и средбата меѓу двајцата премиери на која треба да биде потпишан договорот.

Неофицијално како датум во грчките медиуми се споменува 16 јуни. Заев и Ципрас би се сретнале в сабота во Преспа (на грчка територија), а договорот ќе го потпишат шефовите на двете дипломатии Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Договорот вчера премиерот Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров му го доставија на претседателот Ѓорге Иванов.

Средбата беше куса, а Иванов вчера попладне рече дека нема да „легализира политички дивоградби“ и ја обвини Владата дека не собрала сили за да се изгради заеднички став и да се постигне национален консензус.

Смета дека текстот на договорот е поразителен за РМ, бидејќи не предвидува само промена на уставното име, туку и на преамбулата на Уставот.

– Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци и закани, нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор, порача Иванов.

ivanov

Владата, пак, во реакцијата што следуваше, соопшти дека со жалење констатира дека претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање до јавноста не успеал да се издигне над сопствената немоќ и да ја види перспективата што се отвора пред нашата држава со договорот што овие денови го финализираа и го договорија владите на Република Македонија и на Република Грција.

Во соопштението Владата посочи дека претседателот Иванов нема чувство на одговорност и презема дејства на недозволива манипулација со што, како што е наведено, им штети на државата, на граѓаните и директно дејствува против јакнењето на македонскиот идентитет.

Премиерот Заев вчера се сретна со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и му го врачи договорот, како што тој претходно побара, а по средбата изјави дека како одговорни политичари, во дадениот момент имаат обврска да им овозможат на граѓаните на РМ да го остварат демократското право и да добијат шанса да го дадат своето мислење во однос на договорот.

Овој договор ја гарантира иднината на Македонија како членка на НАТО и ЕУ, истакнал Заев на средбата и како што се наведува, јасно посочувајќи му на Мицкоски дека и тие како опозиција треба да овозможат фер шанса последниот збор да го кажат граѓаните на референдум.

Заев на средбата упатил порака дека политичките субјекти треба да се обединат околу идејата за референдум и заради националните приоритети на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ.

Меѓутоа Мицкоски останува на ставот дека договорот е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи предвидува промена на Уставот заради промена на името.

Повтори дека овој договор за него и за ВМРО-ДПМНЕ е капитуалација на Република Македонија.

– Тој договор сега ни е предаден нам, на ВМРО-ДПМНЕ. Од претседателот на Владата добив информација дека во текот на утрешниот ден договорот ќе помине на владина седница и ќе биде декласифициран, така што најверојатно веќе од утрешниот ден јавноста ќе ги знае деталите и спецификите содржани во него. Ние доправа ќе го разгледуваме договорот така што ќе коментираме во деновите што следуваат, рече вчера Мицкоски.

И додека грчката Влада го поздравува договореното и се обидува да и објасни на јавноста дека договорот не е на штета на грчкиот народ, опозицијата побара од Ципрас да не го потпише.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас вчера на прес-конференцијата во Москва, по средбата со министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров одговарајќи на новинарско прашање за името го искористи новото договорено име „Северна Македонија“.

Надворешната политика на нашата Влада е активна, демократска и повеќедимензионална. Во овие рамки го решивме прашањето што официјално постои веќе 25 години, а вистински, најмалку 70 години: да се запре спорот за името со Северна Македонија. Малку е дел од културата на регионот да се караме за имиња. Така и дедовците во едно семејство што немаат исто име, тогаш постои проблем. Секако постоеја и прашања со иредентизмот, кои со овој договор ги завршивме, рече Коѕијас.

Портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕаканопулос вчера порача дека станува збор за политичка победа бидејќи се решава прашање што ја измачуваше земјата, но и Балканот над 30 години.

– Убеден сум дека со текот на времето и оние кои не се согласуваат или изразуваат спротивставеност, ќе сфатат дека станува збор за неопходен политички и дипломатски компромис, кој и покрај тоа што е компромис, целосно ги заштитува и ги гарантира интересите на нашата земја, рече Ѕанакопулос и додаде дека завчера беше направен многу важен чекор за стабилизација на поширокиот регион на Балканот.

А лидерот на грчката опозициска Нова демократија Кирјакос Мицотакис вчера побара интервенција од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос за договорот, пред да биде потпишан да биде донесен во Парламентот.

– Она што сакам да го побарам од Вас е многу јасно: Би сакал и вие да интервенирате, како што ќе направам и јас, за овој договор да дојде колку е можно побргу во Парламентот, во секој случај пред да биде потпишан од грчката Влада, за да се утврди дали самиот Парламент има доверба во овој договор. Тоа е минимумот што може Ципрас да го обезбеди, ако ништо друго да го почитува Уставот на земјата, истакна Мицотакис.

Претседателот на Нова демократија договорот го оцени како лош и мошне проблематичен.

– Не само затоа што е спротивен на ставот на мнозинството од грчкиот народ, бидејќи отстапува за македонски јазик и македонска националност, што за нас е неприфатлива национална отстапка, туку и за поради уште една дополнителна причина. Господинот Ципрас нема никаков политички легитимитет да го потпише овој договор, од моментот кога неговиот коалиционен партнер, јасно е против овој договор, рече Мицотакис.

Ова барање, доколку се потврдат шпекулациите, би можело да биде доставено или денеска за време на расправата и гласањето на новиот нацрт закон што се однесува на среднорочната рамка за финансиската стратегија за периодот 2019-2022 или утре кога можеби ќе се одржи расправа за договорот.

Регионални, европски и светски лидери го поздравија постигнувањето на договорот меѓу Македонија и Грција, а генералниот секретар на НАТО Столтенберг во интервју за МИА вели дека НАТО веќе има донесено одлука дека Македонија ќе добие покана за членство, откако ќе го реши спорот за името со Грција. Таа одлука е донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година, а сега откако договорот е постигнат поканата ќе пристигне кога ќе биде финализиран во двете земји.

– До самитот на НАТО ќе се обидеме да најдеме начин да покажеме дека се уште стоиме на таа одлука, оти ја препознаеме важноста на договорот. Истовремено сега е важно договорот да се финализира во Скопје и во Атина. Договорот е сеопфатен и во себе ги содржи сите фази на различните одлуки, ратификациите, референдумот, истакна Столтенберг.

Stoltenberg

Во врска со политичките случувања во двете земји, откако претседателот Ѓорге Иванов и ВМРО-ДПМНЕ изразија несогласување со договорот, а истото се случи и со грчката опозиција, Столтенберг вели дека тоа се демократски земји и оти целиот процес зависи од нивните демократски институции.

Апелираше до двете земји да го решат ова прашање и да го искористат овој историски договор.

– Одлуката на НАТО е јасна, решение за спорот па доставување покана, но за да го направиме тоа конкретно и да го забрзаме процесот мора да бидеме сигурни договорот е финализиран, дека е ратификуван. Ова е историски договор, историски момент, важен за сите луѓе вклучени во него и за цела Европа, бидејќи со него се решава ова тешко прашање, кое беше проблем со децении, нагласи Столтенберг во интервјуто за МИА.

И еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вчера во интервју за МИА рече дека политичките субјекти во демократските земји мораат меѓусебно да се слушаат и истакна дека шеф на држава е на некој начин модел за многу луѓе во една земја.

– Претседателот како директно избран има специјална позиција и одговорност и треба да е свесен за ова, инаку и наштетува на функцијата, порача Хан и упати апел до опозицијата е дека таа треба внимателно да го простудира договорот, треба да дискутира со Владата, бидејќи станува збор за тема од национален интерес, која има непосреден ефект врз иднината на земјата и нејзината евроатлантска перспектива.

johanes_han

– Очекувам, ако се ова сега е потпишано и договорено, дека ќе има импакт во заклучоците на Советот и очекувам по препораката за преговори да почнат подготовките за старт на преговори, додаде Хан.