Доживотен затвор за извршителот на нападите во Њујорк и Њу Џерси

17

Американец со авганистанско потекло е осуден на две казни доживотен затвор за бомбашките напади, кои ги изведе во септември 2016 година во Њу Џерси и Њујорк.

Кон средината на октомври, по двомесечен судски процес, Ахмад Рахими беше прогласен за виновен по осум обвиненија, меѓу кои и за поставување бомба на јавно место и користење оружје за масовно уништување.

Истрагата утврди дека на 17 септември 2016 година тој поставил бомба во Њу Џерси, која требало да експлодира за време на маратонот. Но маратонот почна подоцна, а бомбата експлодираше без да предизвика жртви или материјална штета.

Потоа Рахими заминал во Њујорк каде поставил две рачно изработени бомби во квартот Челси на Менхетн. Едната не експлодираше, но при експлозијата на втората – поставена во канта за смет, беа повредени 31 лице.

Рахими беше уапсен два дена подоцна, по престрелка со полицијата. Кај него беше пронајдена книга со белешки во која се спомнува терористот Осама Бин Ладен и за идеологот на тероистичката група Исламска држава (ИД).