ДОМАЌИНОТ НА КОЛЕНА: Македонија херојски ја совлада Словенија!

4704

Одбојкарската репрезентација на Македонија забележа победа на Европското првенство (ЕП) и со 1-3 во сетови (24-26, 28-30, 25-19, 24-26) го совлада домаќинот Словенија, со што дојде до најважната победа и има шанси за пласман во наредната рунда.

Нашите одбојкари го одиграа најдобриот натпревар на овој континентален собир, а посебно се истакнаа во четвртиот сет кога се извлекоа од бездната и запишаа херојска победа над домаќинот кој не знаеше за пораз. Словенија сонува за медал, но Македонија покажа дека има огромен квалитет, а сега се чека на останатите мечеви, за да се види дали ќе се продолжи во нокаут-рундата која ќе се игра во Нант, Франција.

Првиот сет на мечот Македонија го отвори одлично. Ги имаше разиграните Љафтов и Ѓорѓиев, за предност од 2-8 на стартот. Потоа беше и 12-17, а потпомогнати од одличниот Милев, одбојкарите дојдоа до 15-20. Константно се држеше разликата од четири до пет поени, но потоа Словенија се врати и со серија од 6-0 изедначи на 23-23. Моментот на одлука беше кога од 24-24, Ѓорѓиев прво освои поен, а потоа Словенците имаа еден смеч во аут, за предност на Македонија.

Во вториот сет, во поголемиот дел Македонија бркаше негатива. Губевме со 17-13, но македонското срце не се предаде, па дојде на 22-22. Потоа следеше и предност од 23-24, а откако не се искроситија неколку меч-топки, се играше до 28-28, кога најпрво Љафтов погоди во поле, а потоа, еден блок на Словенија заврши во аут за втор сет за Македонија и предност од 0-2.

Третиот сет на мечот беше крајно изедначен. Македонија беше во блага позитива, имаше одредена предност од два поени, посебно по серијата од 0-5 која ја направи на стартот и го сврте мечот на 8-10. Во средината на сетот, резултатот беше 15-15, a потоа следеше најдоброто од Словенија на овој меч, за предност од 19-15. Во продолжението од мечот домаќините дојдоа и до 23-18, па успеаја да намалат на 1-2 во сетови.

Во четвртиот сет на стартот беше изедначено, 9-9, а со серија од 2-0, Словенците дојдоа до првата поосетна предност (11-9). па беше 14-12, но Милев со 12-тиот поен, а потоа Љафтов, успеа да изедначи на 15-15. Двете репрезентации и понатаму се надигруваа, беше 20-18 за Словенија, па 23-21, а откако блок од Љафтов заврши во аут, Словенија ја доби првата сет-топка. Македонија потоа одигра најдобро во овој сет, изедначи на 24-24, потоа поведе и со 24-25 и ја искористи првата меч-топка.

Најдобар поентер во нашиот табор беше Никола Ѓорѓиев со 24 поени, додека Александар Љафтов имаше 17 поени, а кај словенечките одбојкари, прво име беше Ален Пајенк со вкупно 19 поени.