„Дороти се враќа во Оз“ во Прилеп

Во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе биде изведена детската претстава „Дороти се враќа во Оз“ во режија на Кирил Петрески. Ова е првата премиера во календарската 2018 година на репертоарот на прилепскиот театар.

Според режисерот Петрески, претставата е продолжување на авантурите на Дороти.

– „Дороти се враќа во Оз“ е втор дел на популарната претстава „Волшебникот од Оз“. Дороти се враќа кај своите пријатели од Оз, кои на најмладата прилепска публика и се веќе добро познати и заедно со нив се бори против уште еден негативец кој ја узурпира власта во Оз. Во подготовките внесовме многу труд и љубов. Се надевам дека оваа претстава ќе го има успехот на првиот дел кој, со мали паузи, се играше десет години на сцената на театарот, вели Петрески.

Во претставата играат Марија Спиркоска – Илијеска, Ангела Наумоска, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Димитар Ѓорѓиевски, Димитар Црцороски, Јасмина Мицовска – Станкоска и Катерина Чакмакоска – Клинческа.

Сценографијата е на Пеце Ристески, костимите на Александар Џинго, а музиката ја компонираше Томе Темелкоски.

Со ова прилепскиот театар ја почнува календарската 2018 година.