„До крајот на светот и понатаму“ – Недела на австралиски филм во Кинотека

245

Од 26 до 30 јануари во Кинотеката на Македонија ќе се одржи „Недела на австралиски филм“.

На програмата ќе бидат пет филмови кои секој ден ќе започнуваат во 20 часот.

„Австралија можеби е на крајот на светот, но и таа позиција е корисна, посебно ако сакате да освоите друг свет – Месечината. Во ЧИНИЈАТА (The Dish) на Роб Сич (Rob Sitch ), со Сем Нил во главната улога, сторијата ја опишува 1969 година, кога австралиската опсерваторија Паркс е битен сегмент во мрежата опсерватории преку кои се (ре)емитува видео-преносот од слетувањето на првиот човек на Месечината. Тој настан го следеле 600 милиони гледачи на Земјата благодарејќи, меѓу другото, и на австралиската Чинија, предавателот во пустинската Недојдија опкружен со овци. ЧИНИЈАТА е сниман според вистински настан за малиот удел на Австралија во настанот што космонаутот Нил Армстронг (Neil Armstrong) го опиша како „мал чекор за него, а голем за човештвото“. Ако сакаме да им придадеме големо значење – а сакаме, не дека не! – така некако е и со филмовите. Барем оние иницирани од исконски човечки побуди. Австралиската Чинијабила дел од технолошките очи со кои човекот стигнал до крајот на познатиот свет и видел што има понатаму. Мал чекор за авторите и актерите – во споредба со други хуманистички потфати – но можеби ќе ја променат перцепцијата кај дел од човештвото. Барем за тие два часа во темницата на кино-салата, додека трае филмот“, посочува филмскиот критичар Стојан Синадинов.