Заев и Ципрас бараат решение, без поддршка од опозицијата

726

За преговорите и договорот околу името меѓу Македонија и Грција има одредени технички проблеми кои треба да се решат меѓу двете страни. Штом тие ќе се остранат ќе се случи телефонскиот разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

– Знаете јас уште на самиот почеток сум оптимист, не би сакал да давам детали. Верувам дека ќе го најдеме решението, но штом се отстранат овие технички прашања веднаш ќе се случи телефонскиот разговор и верувам дека во најбрз можен рок можеме да објавиме дека сето тоа што е договорено, како би го процесуирале понатаму самите постапки, за да пристигнеме навремено пред Европскиот совет заради тоа што тогаш ќе се одлучува за добивање датум за отпочнување на преговорите за Македонија. Така што, следните денови сме максимално фокусирани и посветени, се работи за договарање за членови од договорот, за детали коишто се важни, заради тоа што сега е време тие да бидат прецизно договорени, рече Заев, кој беше во Штип.

Потврди дека и двете страни кога ќе го постигнат договорот околу името неговото потпишување меѓу Макеоднија и Грција ќе се случи во Преспа, а, како што вели, тоа е желба уште од Давос.

– Јас сум подготвен за тој разговор, знам дека е и тој подготвен, секако важно ни е како тоа ќе го објасниме на нашата македонска опозиција за да има причина за да ја повикаме за да биде заедно со нас, наведе Заев. Многу и најважно е, дополни, да им објасниме на граѓаните на РМ, но исто така паралелно и важно е да им објасниме на опозицијата во Грција, како и на граѓаните на Република Грција.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, пак, синоќа од митингот во Скопје повтори дека неговата партија нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име.

– Од ова појасен став нема. Историјата ќе суди кој бил во право. Ова е историски период за сите нас, крстосница на која се наоѓаме во нашето битисување и во нашата историја, се решава прашањето за името. Многумина го очекуваат нашиот став за овој проблем и јас овде пред вас немам друга опција освен да бидам искрен и отворен, рече Мицковски.

Тој обвини дека разговорите за името се водат тајно и нетранспарентно, а информациите за нивниот тек најчесто доаѓаат од грчките медиуми.

– Некој кој е власт во земјата си игра со достоинството и го распродава евтино иако е бесценето. Заев кажуваше дека нема промена на Уставот и дека ќе го заштитат идентитетот. Како поминува времето, сега вели дека промената на Уставот не е промена на идентитетот. Се договора промена на името и сите ќе не именуваат со новото име. Ќе се направи непоправлива штета за која ќе нема назад, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Скопје.

И најголемата опозициска партија во Грција, Нова демократија изразува несогласување со начинот на кој се водат преговорите за името и го обвинува Ципрас за нетранспарентност и за отстапување од националните интереси. Лидерот на партијата Киријакос Мицотакис смета дека Грција не треба да брза со решавање на спорот. Бара од Ципрас да не се согласи однапред за било каков договор што ќе му дава на Скопје датум за почеток на преговорите за интеграција во Европската унија и зелено светло за членство во НАТО.

За прашањето за името вчера се огласи и поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, порачувајќи оти тоа не е работа на црквата туку на Парламентот.

– Црквата зазеде став. Рече јасно дека не го даваме нашето име, но тоа не е работа на црквата. Црквата не прави протести, граѓаните одбраа Парламент и Парламентот е одговорен за тоа. Грците се одговорни што гласаат, а Парламентот да ја води земјата, рече архиепископот Јеронимос.