ИВАНОВ ОД СОФИЈА: Договорот со Грција е лична одлука на Заев кој не ги земал предвид последиците

428

Ќе останам доследен на заклетвата и нема да прифатам да прифатам акт кој е спротивен на Уставот и законите на Република Македонија и кој е спротивен на консензусот изграден од државниот врв. Ова е пораката што претседателот Ѓорѓе Иванов ја испрати од Софија, каде престојува во официјална посета.

Македонскиот претседател на заедничката прес-конференција со бугарскиот колега Румен Радев, истакна дека договорот со Република Грција е личен акт и лична одлука на премиерот кој не ги земал предвид сите последици од таков штетен договор.

– Затоа вчера во мојата изјава кажав дека ова е личен акт и лична одлука на еден премиер кој не ги земал предвид сите последици од таков штетен договор, кој не затвора туку отвара многу прашања и создава голема неизвесност и несигурност и за Македонија и за регинот, изјави македонскиот претседател.

Во однос на вчерашната средба со премиерот Заев и министерот Димитров, претседателот Иванов потенцираше дека на таа средба за првпат му бил донесен документот за кој во изминатиот период ниту бил запознаен, ниту вклучен.

– Кога го добив документот, јас немав што да разговарам на таа средба и затоа средбата кратко траеше. Јас не сум бил вклучен во донесувањето на тој документ и зошто да бидам јас тој кој ќе го легализира документот. Како го создале и го донеле без мое учество така и нека си го завршат без мое учество. Тоа е принципиелен став затоа што согласно Уставот и законите на Република Македонија, Претседателот на Републиката е надлежен за склучување на меѓународни договори. Претседателот бил исклучен од целиот процес и изготвување на таков документ, зашто сега да легализира туѓа активност и постапка за која е прекршено она што е создадено како еден вид на консензус на државниот врв, а тоа е нема промена на Уставот и нема прифаќање на ерга омнес. Таа е нивна одлука и нивна е одговорноста, рече Иванов.

Тој нагласи дека се знае кој е тој кој сиве овие години ја попречува и влијае на стабилноста на регионот и на Македонија.

– Не прифаќам квалификација дека јас сум ја попречувал стабилност на регионот. Се знае кој е тој што сиве овие години ја доведува состојбата во Македонија да биде ваква. Се знае кој ја блокира Македонија и влијае на нејзината иднина. Се знае кој го попречува правото на просперитет на еден народ, рече Иванов, додавајќи дека е недозволиво во остварувањето на стратешките цели и определби членството во ЕУ и во НАТО да бидат алиби за штетни и за поразителни договори кои ќе ги склучува Република Македонија.