Изложба на џиновски метални скулптури од Андреј Миневски

763

Три џиновски склуптури на скулпторот Андреј Миневски ќе бидат поставени на 15 декември во населбата Методија Андонов Ченто.  Склуптурите праисториски животни во природна големина, изработени од метал, ќе бидат лоцирани на просторот на истоимениот парк.

Изложбата е насловена „Од граѓаните за градот“ и е дел од програмата на Град Скопје во рамките на програмската активност за програми и проекти од областа на културата „Од центарот кон периферијата: културата како алатка за социјален развој“.
Изложбата е поддржана и од Општина Гази Баба која излезе во пресрет со простор за оваа намена.

Андреј Миневски е роден 1992 година во Скопје, со средно образование се стекнал во Училиштето за уметност и дизајн “Лазар Личеноски” во Скопје. Во 2013 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности на отсекот вајарство во класата на професорот Исмет Рамиќевиќ.

Миневски работи скулптура од различни видови материјали, но во металот го гледа сопствениот уметнички израз и креативност. Учествува на повеќе групни изложби, и на повеќе колонии меѓу кои и интернационални: Кичевската 2016 и Девет фестивал 2018 во Белград.

Ова е негова втора самостојна изложба на скулптури од отпадно железо.

Изложбата ќе трае 30 дена.