ИЗЛОЖБА, РЕВИЈА, ПОЕЗИЈА И ВИНО: Уникатна презентација на уметничките дела на Моника Блажевска

414

За љубителите на уметноста во сите облици, младата уметница Моника Блажевска, одлучи својата прва самостојна изложба да ја претстави, на ден по големиот прзник на вљубените Свети Валентин, преку спој од изложба, мода, поезија, музика и вино.

Под насловот „Љубовта е уникат… … уникат е и БМ“  утревечер (15 февруари) со почеток во 20 часот во ВИП база-мезе бар, Блажевска на јавноста ќе ѝ ги претстави своите уметнички дела.

– Самата изложба е замислена како уникатна- со презентација на уметнички дела, со добра дружба во ноќта, љубовна поезија, песни и скапоцена голтка вино со сортни вина- вели Блажевска.

На својата уметничка вечер Моника ќе презентира 15 уметнички слики и модна ревија со нејзини цртежи на облека, кои ќе ги презентираат млади модели Ивана Гелева, Теодора Бојчева, Дона и Симона Станчеви, и заштитните лица на најновата колекција „БМ“, поп пејачката Зорица Зои Блаж и словенечкиот спортист Тадеј Матијашиќ.

 


Во програмата ќе настапат естрадните уметници Зои Блаж, Ристо Апостолов од групата „Водолија“, Роберт Вуќелиќ, поетесите Оливера Доцевска, Елена Пренџова, Ана Љубиќ и Валентина Ѓоргиевска- Парго, модераторката на вечерта ќе биде Деспина Јанакиевска, а ќе има и евровизиска музика во избор на ИНФЕ Македонија. Во креирањето на овој настан учество ќе земе и уметникот кандидат- Нобеловец Живко Поповски- Цветин и Марга Филиповска.

Блажевска е родена на 13 март 1990 година во Скопје. Средното образование го завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски“. а дипломира на Европскиот универзитет, Факултет за Арт и дизајн, насока- графички дизајн. Работи како графички дизајнер и сликарка. Учествува на седум групни изложби. Отвора и своја галерија со уметнички слики, во ТЦ „Беверли хилс“. Ова е нејзина прва самостојна изложба.

Нејзина специјалност се уникатни уметнички цртежи на облека, изработува рачно насликани портрети на маички, марами, фустани, по што стана препознатлива, барана, популарна, и се издвои како урбана уметница.