Чавков во притвор поради непостоечка вила на Халкидики

75

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков синоќа бил притворен бидејќи планирал бегство во вила на Халкидики која тој ја поседува – стои во Решението на Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1.


Според ова Решение до обвинителството од страна на МВР, односно од единицата Алфи, е доставена службена белешка според која било видно дека Чавков кој, како што пишува „поседува вила на Халкидики, Р. Грција“, планирал да се даде во бегство пред денот кога е закажано рочиштето за објавување на пресудата за предметот „27 април“.

На 12 март 2019 година , по остварена средба со близок пријател,подносителот на службената белешка добил информација дека обвинетиот за случајот „27 април“, Митко Чавков, поседува вила на Хаклидики, каде истиот планира пред да му биде изречена пресудата во петок (15.03.2019 година) да ја напушти државата, односно, односно да се даде во бегство, при што се напоменува дека пријателската врска е во многу блиски релации со семејството на обвинетиот- стои во образложението на Решението со кое Митко Чавков беше вратен во притвор.

Семејството на Чавков пак тврди дека тие не поседуваат никаква вила на Халкидики. Велат измислена е вилата, а тој што го сторил тоа „ќе си лежи“.

-Ќе си лежи оној кој што ја измислил вилата на Халкидики. Не знам дали тие што му дале задача да измисли една таква службена белешка, му објасниле какви ќе бидат последиците кон него – пишува ќерката на Чавков, Зорица Чавкова, на својот фејсбук профил.

Семејството го повика обвинителството Обвинителството јавно да обзнани барем еден доказ со кој се поткрепува информацијата од службената белешка на МВР дека Чавков поседува вила на Халкидики и дека планирал бегство. Тие велат дека одговорно тврдат дека ова е лага. Се сомневаат дека оваа белешка е измислена под притисок и закани од, како што велат „нарачителите“ и велат дека истите ќе бидат откриени. Најавија дека за овој случај ќе бидат известени сите меѓународни субјекти, сите амбасади.