ИПАРД 2: Најголем дел од апликациите се од Пелагонискиот, најмалку има од Полошкиот регион

449

Вкупно 692 договора за набавка на трактори преку ИПАРД 2 вредни 5,8 милиони евра, ќе бидат потпишани во наредните денови.

Потпишувањето официјално почна денеска на јавен настан во Министерството за земјоделство, со првите 13 договори.

Како што беше речено, најголем дел од средствата се за набавка на трактори, но земјоделците покажале интерес и за приклучна механизација мотокултиватори, ѓубре растурачи, прскалки, системи капка по капка, линии за транспорт на храна.

Најголем дел од апликациите се од Пелагонискиот, а најмалку има од Полошкиот регион.

– Ова е рекорден број на корисници на средства од постоењето на ИПАРД Програмата воопшто. Со оваа поддршка ќе се унапреди состојбата на фармите и земјоделските стопанства, а тоа ќе значи поголема конкурентност, истакна министерот Љупчо Николовски пред доделувањето на договорите.

Според директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, во време кога Македонија очекува датум за преговори за членство во ЕУ, повеќе од потребна е поддршката преку европските фондови.

– Апелирам до сите што имаат потреба од унапредување на капацитетите, фармите или сакаат да го олеснат процесот на работа на нивите, да поднесат барања за добивање средства преку ИПАРД 2 Програмата, нагласи Бабовски.

Тој уште еднаш укажа дека по детектираните слабости на ИПАРД 1, процедурата за конкурирање за ИПАРД 2 е поедноставена. Министерството и Агенцијата ги зајакнуваат административните капацитети зашто тие се најодговорни за распределба на средствата.

Вирве Вимпари од Делегацијата на ЕУ во Скопје потенцира дека апсорпцијата на ИПАРД средствата зависи многу од подготвеноста на институциите, фармерите, претприемачите и органите кои треба да ја вршат контролата.

– Целта на европската помош е да ја поддржи Македонија во пристапот кон ЕУ и да го подобри животот на граѓаните, рече Вимпари, дополнувајќи дека во периодот 2014-2020 година ИПАРД нуди 60 милиони евра.

Од вкупно проектираните 5,8 милиони евра за што ќе се потпишуваат договорите овие денови, 4,3 милиони се европски пари, а 1,4 милиони средства од националното финансирање.