Италијанскиот писател Клаудио Магрис прогласен за почесен член на ДПМ

210

Одлуката на Друштвото на писателите на Македонија за прогласување на Клаудио Магрис за почесен член, еден од најголемите современи автори на италијанската и европската книжевност, е во знак на почит кон неговото значајно литературно дело и благодарност за творечките и духовни врски со македонската литература преку преводите на неговите дела објавени на македонски јазик.

Од обемниот творечки опус на Клаудио Магрис, на македонски јазик се објавени книгите „Друго море“, во превод на Анастасија Ѓурчинова, „Микрокосмоси“ и „Запрена постапка“, во превод на Марија Грација Цветковска.

Клаудио Магрис е автор на дваесетина прозни и есеистички остварувања меѓу кои и на култниот роман „Дунав“. Делата на Магрис го поврзуваат личното искуство со колективната меморија, преку плодотворниот дијалог на културите и идентитетите кои опстојуваат на просторот помеѓу Средна Европа и Медитеранот.

Од утре до 17 ноември Клаудио Магрис ќе престојува во Скопје како учесник на манифестацијата „Недела на италинаската книга“ што се одржува во организација на Амбасадата на Италија во Скопје, Институтот „Данте Алигиери“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.