Италија нема да прима мигранти назад од Германија

146

Италија нема да се согласи на договор според кој ќе прима мигранти назад од Германија, се додека ЕУ не преземе активности за заштита на своите надворешни граници и не почне да го дели товарот на миграцијата, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини.

По средба со германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, Салвини изјави дека овие услови мора да се исполнат, инаку Италија нема да прифати ниту еден мигрант.

И покрај цврстиот став на Салвини, Зехофер изрази надеж дека до крајот на јули или почетокот на август ќе биде постигнат договор за враќање во Италија на барателите на азил, кои прво се регистрирале таму.

Салвини рече дека двајцата имаат заедничка цел: помалку бродови што пристигнуваат, помалку загинати, помалку мигранти како во Италија, така и во Германија.

Средбата се одржа во пресрет на состанокот во австрискиот град Инсбрук на министрите за правда и внатрешни работи од ЕУ, на кој, меѓу другото, ќе се разговара и за миграцијата.