КАРАЧИЌ ЕМОТИВЕН ПРЕД МЕЧОТ СО ВАРДАР: ЌЕ ИГРАМ ПРОТИВ МОИТЕ БРАЌА, ВО МОЈАТА МАКЕДОНИЈА!

204

Вардаровата легенда Игор Карачиќ, кој на крајот на минатата сезона замина од Скопје, како играч на полски Келце, викендов се враќа во СЦ „Јане Сандански“, во големиот дуел од Лигата на шампионите.

Првпат по осум години популарниот Кара ќе стапне во „вулканот“ како противнички ракометар, а неговото враќање во Скопје е и тоа како емотивно за него. Бекот беше повеќе од расположен да одговори на неколку прашање за СПОРТМЕДИА и да го најави саботниот меч.

Она што можеше да се почувствува во неговиот глас е љубовта која уште ја има за Вардар, за фановите, за Скопје и Македонија…

„Откако го извлекоа Вардар со нас во група со нетрпение го чекам овој натпревар. Сакам уште еднаш да дојдам во Скопје и да ги поздравам сите и да се заблагодарам за сè, за осумте преубави години во мојата Македонија. Не се сомневам дека ќе биде полна салата, ќе има преубава атмосфера за игра и нема сомнеж дека ќе ми биде тешко и чудно да играм против моите браќа. Но, кога ќе излезам на теренот емоциите ќе мора да ги оставам на страна…“, вели Игор Карачиќ.

За тоа каков натпревар очекува в сабота, бекот вели:

„Преголема е еуфоријата во Келце и ќе направиме сè за да го победиме Вардар. Свесни сме дека тоа ќе биде многу тешко. Се работи за две слични екипи. Имаме голем респект кон Вардар затоа што тој не случајно за три години двапати стана европски првак и е актуелен шампион. Формата е минлива работа, а името е вечно. Вардар има победнички менталитет, тоа го знам, и без разлика колку и да е тешко, колку и да имаат проблеми со повреди,  знаат вистински да се носат со тоа. Сè се остава на страна кога ќе се излезе на терен и се оди на победа. Во повредите и проблемите кои ги има Вардар не треба ниту една екипа да бара спас, тоа би била многу лоша одлука. Ќе биде потребно го да дадеме најдоброто од нас доколку сакаме да го победиме Вардар во Скопје.“

Келце утре ќе пристигне во Скопје и ќе одработи еден тренинг пред саботниот меч во СЦ „Јане Сандански“ закажан од 17:30 часот.