Концерт во чест на празникот на виното и љубовта во Македонска Каменица

183

Културно- информативниот центар „Романса“ од Македонска Каменица синоќа во Домот на културата пред многубројна публика организираше бесплатен концерт на класична музика од современи автори, во изведба на  симфонискот оркестар при ООМУ „Ристо Јуруков“-Кочани.

Директорот на КИЦ „Романса“ Горан Огнановски истакна дека концертот е вистинско изненадување за публиката во ова мало рударско гратче зашто немала таква можност.

– Новата сала при Домот на културата дава идеални услови за вакви изведби. Вечерва имавме можност да проследиме една прекрасна изведба. Беа исполнети дeсет дела од современи автори. Овој концерт го посветивме на празникот на виното и љубовта, рече Огнановски.

Најави дека во организација на КИЦ „Романса“ во текот на овој месец ќе има и други културни настани.

– Веќе утре го најавуваме Каменичкиот сатирикон, каде ќе настапат познати афористичари од Македонија, како Миле Ѓорѓијоски, Ленче Стоименова, Јане Атанасов, како и изложба на 100 карикатури од бугарски и македонски карикатуристи. На 18 февруари КУД „Вера Јоциќ“ ќе настапи во Белица, соседна Бугарија. Кон крајот на месецот ја организираме детската претстава „Пинокио“ од Струмичкиот театар, а почетокот на март е резервиран за комедијата „Стујардеси“ на театарот од Кавадарци, истакна Огнановски.

Додаде дека целта е да се подигне културниот живот во Македонска Каменица во која, рече, во последните години не постоеле културни настани.

– Освен активностите за 28 август, кога се одбележува Денот на рударите и на Општина Македонска Каменица. Идејата е во текот на целата година да организираме настани, манифестации кои, секако, ќе бидат во рамките на нашите финансиски можности, но со добро менаџирање, можеме да извлечеме максимум. Вообичаено велиме дека февруари е мртов месец за културата, но ние еве го покажуваме спротивното, рече Огнановски.

Најави и враќање на „Распеаните каменичани“ на сцената и опремување на киносалата преку европски проект со што ќе се создадат услови градот да добие современо кино затоа што, рече, има деца кои воопшто не знаат што е кино и не изгледале ниту еден филм.