Концерт на младата пијанистка Инес Неделковска

168

Младата пијанистка Инес Неделковска вечер ќе одржи солистички концерт во Македонската филхармонија.

Организатор на концертот е Музичката младина на Македонија, а на програмата се дела од Бах, Лист, Шуберт, Прокофјев…

Инес Неделковска е деветто одделение во ОУ „Лазо Ангеловски“ и ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Со само 15 години и со своите постигнати успеси ширум светот, таа претставува вистински амбасадор на Република Македонија.

Во нејзината биографија веќе се шест први награди на државните натпревари и девет први меѓународни награди. Инес е добитник на три први награди во Њујорк, како и добитник на Гран-при наградата од жирито (тоа е посебна награда доделена од страна на жири комисијата на најдобриот натпреварувач од сите дисциплини на целиот натпревар), прва награда на интернационалниот натпревар по пијано во Лондон, победник во Италија – Наполи и Бари (апсолутен победник), Монте Карло и др.

Младата пијанистка досега настапила во најпрестижните сали во светските метрополи: Њујорк – Меркин Хол во Кауфман центарот, светски реномираниот Карнеги Хол, каде има настапено два пати и во легендарниот Ројал Алберт Хол во Лондон. Како член на престижната светска фондација за млади таленти „Владимир Спиваков“ од Русија, на 10-годишна возраст Инес настапила на три концерти во Москва, во Љубљана, Загреб и Белград.

Покрај тоа што повеќе пати има настапено како солист со Македонската филхармонија, Инес реализирала настапи како солист со Камерниот оркестар од Софија, Камерниот оркестар „Ансамбл Арт Линк млади виртуози“, во престижната сала Коларац во Белград, со Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск…