„КОСКЕНА“ ОД МИЈАКОВСКА : Женското писмо е кружно, телесно, флуидно; какво што е и женското тело

1205
Свеж мисрис на книга, мирис на поезија, силен  „одблесок“ од отпечатените мисли, кои прскаат од чувства, на поетесата Марина Мијаковска.
„Коскена“ е нејзината најнова стихозбирка која неодмана излезе од печат во издание на „Дијалог“ од Скопје.
Побаравме малку појаснување, троа дообјаснување и дел раскажување околку тоа како дојде до ова задоволство од 95 страници, а авторката несебично ги распосла своите одговори за Рипост.мк.
Ќе започнам од насловот кој буди љубопитност. Зошто „Коскена“?
Првичниот работен наслов на книгата беше „Соголен јазик“. Меѓутоа, откако ја напишав песната „Коскена“ одлучив токму оваа песна да биде амблем на стихозбирката. Оваа книга е резултат на моето долгогодишно практично и теориско истражување на женското писмо како feminine writing или écriture féminine. Да се пишува како жена, значи да се пишува преку телото и телесните морфологии. Клучна тематска јадица е јазикот, кој е колку социолошки и културолошки феномен, толку и телесен сегмент во креирањето на културните идентитети. Светот е опиплив само преку јазикот. Телесниот јазик како еден женски јазик создава посебен глас, звучност и семантика во творештвото на писателките. Женското писмо е кружно, телесно, флуидно; какво што е и женското тело. Станува збор за стихозбирка во чии поетски конструкции, теми и мотиви се навестува женско писмо. Оваа телесна морфологија преточена во поезија во себе содржи женски маркери: теми од женското секојдневие, јас-форма на лирската есенција, деконструктивистички стил и современ модел на женскост.
 Седумдесет и осум песни распоредени во три дела. Појасни ни го делот и симболиката во бројките, постои ли нешто што се крие зад 78/3 или тоа е случајно? 
 Бројката е сосема случајна. Таа е заокружување на еден обрач од инспирации. Книгата има деведесет и пет страници. Песните се одликуваат со скалест и разигран стих со стилска орнаментика и мек, звучен и смел поетски јазик. „Коскена“ се состои од три целини врамени под метафоричните наслови: Коскена, Женска и Огнена. Неслучајно циклусите ги именував според придавки во женски род. Стиховите од циклусот Коскена се суштински израз на поетскиот јазик како вештина на телесно заведување. Во циклусот Женска, го опејувам женскиот креативен агенс и универзум како метафоричен, отворен, флуиден и кружен. Лирската-јас форма доминира низ секвенците на женскиот светоглед и темите од мигновената женскост. Во песните од третиот циклус Огнена, создавам интертекстуално калемење на поетскиот јазик преку разглобувањето на една стара поетика и го изразувам новиот постмодерен поетски светоглед. Циклусот Огнена е инспириран од творештвото на Анте Поповски.
 Како настана идејата за „Коскена“? 
Идејата настана сосема спонтано. Бев поттикната од актуелните случувања, од времето на автоколонизација, самонегирање и разорување на идентитетот. Низ ѕидовите на разиграните сугестивни песни провејува духот на женската душа, а патоказ е споделената „коскена“ изразност пред читателот овде и сега. Метафората на коската симболизира колку еден идентитет е цврст, но истовремено и кршлив и флуиден.
Во песната „Камени коски“ велам:
„Само јазикот да не пресуши.
Само нас нека нè има.
Да течеме по сите четири страни,
да го зачуваме зборот
и да ја зачнеме збороиграта.
Коскена игра во камено оро!
Јазикот коски нема,
а камени коски крши!
Јазик дамнешен и исконски!“
Колку време се калемеше? 
Книгата се создаваше од 2014 година со подолги паузи во креативниот процес. Ја работев точно четири години. Песните и конструкциите претрпуваа измени. Сметам дека книгата излезе во нејзината најдобра верзија.
 Има ли феминистичка нишка низ страниците? 
Тематското јадро во сите три циклуси се состои од теми како што се: тишината на женскиот исказен субјект; цензурата на женскиот глас; разглобувањето на старата поетика и приказот на една женска поетика и глас; итн.
Мотивите опфаќаат спектар од арс-поетски размисли за суштината на поезијата и јазикот, како творецот го создава костурот на песната како вешто изведена јазична збороигра.
 Стиховите во твојата глава…Како излегуваа песните на хартија, од ситуации со кои се соочуваше, од лични искуства или можеби туѓи животни приказни? Има ли вистина во „Коскена“ ?
Вистината е секогаш индивидуална. Во мојата поезија секогаш има вистина, бидејќи е отслик на реалните состојби и контексти на живеење. Поетскиот јазик е погоден за интимистичко разглобување на состојбите што нè опкружуваат. Некогаш инспирација се нашите блиски луѓе: имам песни посветени на баба ми Антигона Мијаковска, брат ми Мартин Мијаковски.  „Коскена“ е посветена на татко ми.
 Во чии раце ја замислуваш? 
Сметам дека секоја книга и секој автор си има свои читатели. Книгата ја замислувам во рацете на сите луѓе кои ја сакаат Македонија, го сакаат македонскиот јазик и култура. Котвите на „коскена“ семантика во себе ја носат љубовта кон нашата татковина.
Тешко ли е да се биде поет на 21 век во нашата земја? 
Сметам дека е навистина тешко да се пишува во маргинални и лиминални околности. Општествената ерозија е вистинска инспирација креативно да се креира и обмисли светот одново.
 Што за тебе значи поезијата? 
Поезијата е свет, есенција, здив и подвиг. Пишувањето поезија ми дава верба дека ќе бидеме подобри луѓе. Се надевам дека во брзо време ќе направам промоција на „Коскена“. Наскоро книгата ќе треба да се дистрибуира.
Александра Бела