КУРДСКИ ПРЕТСТАВНИК: Турската армија распоредува стражи во Ирачки Курдистан

Турските војници поставиле стражарски пунктови во автономниот регион Ирачки Курдистан, каде Анкара спроведува воена операција против осомничени курдски бунтовници, информира официјален курдски претставник.

Како што јави ДПА, градоначалникот на Соран, Карманж Езат соопштил дека турската армија изградила касарна во близина на градот, што се наоѓа во Ирачки Курдистан, без да соопшти повеќе детали.

Тој само додал дека турските војници влегле во областа пред неколку дена.

Засега нема официјален коментар од Анкара за ваквите тврдења.

Анадолија јави дека турски копнени сили и авиони денеска „се насочиле“ кон осомничени припадници на Курдската работничка партија (ПКК) во северен Ирак.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во понеделникот најави дека по освојувањето на Африн во северозападна Сирија, Армијата на Турција би можеле да ја продолжи операцијата „Маслиново гранче“ и кон другите градови во Сирија што се под контрола на вооружените групи на сириските Курди.

Ердоган поосчи и дека ако биде потребно турската армија може да спроведе „антитерористичка операција“ и во северен Ирак.

– Ние и кажавме на централната Влада (во Багдад) дека ако планира да го реши проблемот во Синџар, нека го реши, а ако не може да го реши, некоја ноќ ние ненадејно ќе навлеземе во Синџар и ќе го исчистиме од елементите на ПКК, додаде Ердоган.

ПКК, која од 90-те години на минатиот век се бори за автономија на Курдите во Турција, се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, САД и ЕУ.