Лазаров: Нема да калкулираме против Шпанија, ќе влеземе максимално

5267

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров вели дека утре нема да се калкулира против силната селекција на Шпанија за да се сочуваа силите за клучниот меч со Исланд.

Македонија за помалку од 24 часа треба да одигра две дуели со силни противници. Утре со почеток од 20:30 часот играме со Шпанија, а во четврток од 18 часот во клучниот дуел ќе се сретнеме со Исланд.

Дуелот со Исланд ќе биде клучен за следната фаза без разлика како ќе заврши мечот со Шпанија, па постои опција дуелот со Шпанците да се жртвува со цел да се добие на свежина.

Сепак капитенот Кире Лазаров вели дека нема да има калкулации, против Шпанија ќе се влезе максимално.

„Можам да кажам една работа, не размислуваме да калкулираме и да излеземе со бело знаме против Шпанија, тоа ќе биде рушење на имиџот кој сме го граделе со години. Ќе излеземе на теренот по добар резултат и во зависност од развојот на мечот ќевидиме што ќе се случува потоа“, вели Кире Лазаров.

„Во Франција бевме во иста ситуација, ни требаше резултат на еден од последните две средби, а во рок од 17 часа игравме најпрвин со Шпанија, а потоа и со Исланд. Со Шпанците париравме одлично повеќе од 50 минути, потоа ремизиравме со Исланд и го осигуравме третото место на табелата. За жал, тоа реми скапо го плативме со повредите на Манасков и Миркуловски, па не можевме посериозно да и се спротивставиме на Норвешка. Тогаш работите е одвиваа во тој правец, Јас пак ќе повторам – не одиме со бело знаме на мечот со Шпанија. Ќе се обидеме да го изненадиме фаворитот“.