ЛЕКАРИТЕ ЗАБОЛЕЛЕ ОД СИПАНИЦИ: Клуч на Хирургија во струшката болница

392

Хируршкото одделение во струшката општа болница е затворено, а лекарите и другиот медицински персонал се во карантин, бидејќи половината од нив заболеле од морбили, објави Алсат-М.

Од целото хируршко одделение, според телевизијата, во функција е само хируршката амбуланта. Одлуката ја донела Комисијата за хоспитални инфекции во рамките на болницата, а денес за тоа биле известени Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје и Републичкиот санитарен инспекторат.

„Вчера се донесе одлука привремено да биде затворено хируршкото одделение и да не се примаат пациенти кај нас, односно да се препраќаат во најблиските болници каде треба соодветно да се згрижат. Во Македонија е прогласена епидемија на морбили, но интересна работа е што од нашиот медицински персонал скоро 50% се разболеа од морбили и фактички се нефункционални“, изјавил Владимир Кочовски, началник на хируршко одделение.

Пациентите кои веќе биле закажани за операции биле информирани за новонастанатата ситуација, а итните случаи ќе се препраќаат во Охрид или во други болници.

Првично рокот до кога ќе биде затворена хирургија е 28 мај, но лекарите не ја исклучуваат можноста тој да биде продолжен.