„Либертанго“ премиерно во Македонската опера и балет

272
MOB
Македонска опера и балет (МОБ)

Македонската опера и балет вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Либертанго“ на музика на Астор Пјацола, која ќе ја расакаже животната приказна на овој композитор и почетоците на тангото во неговата родна Аргентина во втората деценија на 20 век.

Приказната го следи патот на италијанското семејство Пјацола – неговите родители Висенте и Асунта на кои оваа јужноамериканска земја им дала надеж за подобар живот како и на многу други италијански емигранти. Од Балетот најавија едночасовен танго-балет, претстава во неокласичен стил и израз, изведена на балетски начин, во која танчарите ќе играат на снимена музика и ќе има неколку балади.

Приказната ги прикажува неговите родители, самиот Пјацола како дете и веќе како остарен, неговата идеја да биде тоа што бил, да се занимава со таа музика, за на крај да заврши со неговото познато „Либертанго“ или танго на слободата.

Автор на либретото и режисер на претставата е Наташа Поплавска, кореографијата е на Сабрина Боско од Италија, костимограф и автор на сценографијата е Александар Ношпал, а на светло-дизајнот – Милчо Александров.

Ликот на композиторот Пјацола во три животни периоди – дете, млад и стар ќе го играат Марко Здравковски, Симоне Џиролети и Драган Кочовски.

Во улога на неговите родители Асунта и Висенте ќе настапат Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили, а тројца познати аргентински танчари ќе ги играат: Мими Поп Алексова-Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска и Марија Јосифовска-Ристовска. Ќе учествуваат триесетина балетски играчи во улоги на танго-танчари и танчарки, италијански емигрантски фамилии.

По вечерашната премиера, „Либертанго“ задутревечер во МОБ ќе биде репризно изведена.