Мавтањето со документи за „Рекет“ го носи Мицкоски во обвинителство?

29

Преговори за правда или преговори со цел некого да не го стигне правдата? Политичарите почнаа да употребуваат тешка вербална артилерија. Експертите критикуваат и бараат одговорност.

Во политичката битка за Законот за јавно обвинителство, власта и опозицијата употребија и тешка вербална артилерија. За случајот „Рекет“ Зоран Заев и Христијан Мицкоски јавно преку говорница си припишаа можна инволвираност. Најдалеку отиде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој на прес-конференцијата по непроспиената ноќ во парламентот, почна да мавта со наводни документи од Обвинителството за организиран криминал во кои наводно имало имиња на високи функционери од власта. Овој потег на Мицкоски уследи по јавно кажаната претпоставка на Заев дека истрагата за „Рекет“ водела до него:

„Нема да го тужам и нема да се заканувам со тужби, но ќе го предупредам дека свиркач во ВМРО-ДПМНЕ ни ги донесе исказите кои што се дадени кај обвинителката која што го води предметот ‘Рекет’. Но истовремено и наредбата за вештачење и резултатите од вештачењето во ВМРО-ДПМНЕ. Тука моето име го нема, но има имиња на луѓе од власта. Внимателно ќе го набљудуваме развојот на настаните и нема да правиме воајерски шоуа презентирајќи документи. Сѐ додека гледаме дека постои минимална објективност во водењето на случајот. Првиот момент кога ќе видиме дека некој сака да го заштити јавниот интерес, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави документите во јавноста”, изјави Христијан Мицкоски.

Кривично дело на Мицкоски?

Оваа изјава го вклучи алармот и отвори дилема – како може некој да поседува такви документи? Од Обвинителството за организиран криминал и корупција за телевизија Телма предупредиле дека поседување на изјави од предистрага и наредби од истрага е кривично дело, бидејќи оној што ги дал тие документи не е свиркач, туку прави кривично дело. Многу е веројатно дека Обвинителството ќе го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да објасни како ги добил овие документи, велат од Обвинителството за организиран криминал и корупција.