МАКЕДОНИЈА ВО ЖАЛОСТ: Света литургија во Гостивар за загинатите, повредените и нивните семејства

179

Тетовско-гостиварскиот владика Јосиф денес во црквата „Света Петка“ во Гостивар ќе служи света литургија и ќе се моли за загинатите, повредените и нивните семејства од страшната несреќа, која ја покри со длабока тага нашата држава, соопшти Комисијата за односи со верските и религиозни групи.

Во трагичната несреќа, што се случи кај селото Ласкарци, загинаа 14 луѓе, а седум се во критична состојба.
Утврден е идентитетот на сите 14 загинати лица во несреќата што се случи вчера околу 17 часот на автопатот Скопје – Тетово, кај село Ласкарци, Скопско, кога автобус сопственост на „Дурмо турс“ со гостиварски регистарски ознаки, управуван од М.Т. (49) од Гостивар, излета од патот.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, утврден е идентитетот на починатите лица: Ј.Т. (25) од Гостивар, О.С. (19) од Гостивар, Б.А. (21) од с. Зубовце, Врапчиште, З.Д.(38), А.И. (25) од Гостивар, Б.Ф. (38) од с. Сенокос, Врапчиште, Б.У. (20) од с. Долна Бањица, В.Х. (29) од с. Дебреште, Гостивар, А.Р. (33) од с. Дебреште, Гостивар, Д.Р.(38) од Гостивар, П.К. (23) од Гостивар, А.А. (55) од с. Железна Река, Гостивар, Е.Е. (65) од Гостивар и Т. Ј. (62) од Гостивар.

Во несреќата беа повредени 37 лица, од кои 29 се лекуваат во Градската општа болница „8 Септември“, шест се во Клиничкиот центар, а двајца пациенти се во Тетовската болница.