Македонија на дното во Европа по сиромаштија, Владата се фали дека прави се за таа да се намали

1496

Секој петти македонец живее во сиромаштија. Поразителен податок, кој и натаму ја држи земјава на дното во Европа по овој параметар. Официјално 21,5% или околу 480.000 секојдневно се борат некако да го преживеат месецот. Податоците се загрижувачки, но како тие да се променат? Власта е оптимист дека социјалната реформа ќе даде ефекти.

– Над 30.000 домаќинства добиваат гарантиран приход и повеќе од 22.000 деца добиваат детски додаток, оти сиромаштијата не смее да се пренесува од генерација на генерација. Главната цел е инвестиција во луѓето. Ајде целосно да се посветиме како регион и да ги искористиме енергијата и искуствата што ги има овој регион за да создадеме држави на благосостојба, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Меѓународните експерти предупредуваат дека се потребни длабински реформи и сериозна работа. круцијално е политиките да го поддржат ранливиот сектор од пополуацијата. Не само сиромашните, туку и оние на кои влијаат и шоковите кои се случуваат во здравството и во економијата.

– Политиките треба да бидат мултисекторски и со таргети, бидејќи ресурсите се лимитирани и затоа е важно политиките ефективно да ги досегнат најсиромашните, но и да обезбедат поголем дел од бенефициите за оваа популација, рече директорот на Светска банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели.

Дел од експертите пак предупредуваат дека мора да се превенира и растечката миграција.

– Има пет нешта кои треба да се направат, а тоа е да се намалат сиромаштијата, невработеноста, болестите, лошите услови за живот и несоодветното образование. Тоа влијае на децата, на вработените и на постарите, рече Пол Стабс, виш истражувач од Економскиот факултет во Загреб.

Податоците се поразителни ако се има предвид дека само 18% од населението има канализација, 5,8% од домаќинствата немаат када или туш, 6,9% немаат внатрешен тоалет, 12,9% имаат оштетен покрив, влажни ѕидови и искршени прозорци. Од Владата се надеваат дека благодарение на реформите кои ги преземаат, ваквата лоша статистика ќе се намалува. Ефектите ќе се мереле наредната година.