Меси никогаш не бара прв да смени дрес, синоќа имаше повод да побара

1326

Во дербито на колото во шпанската Ла Лига, Барселона на „Камп Ноу“ со 4-0 ја размонтира Севиља и стигна до 2. место на табелата, зад вечниот ривал Реал Мадрид.

Како никогаш крајниот резултат не ги долови случувањата на теренот, барем не во првите 25 минути од натпреварот. Севиља во овој период имаше три 100% шанси, топката многумина ја гледаа во голот, но во продолжение Барса се разбуди и на гостите од Андалузија толку им беше.

Мразот го скрши Луис Суарез со прекрасен гол во 27’ минута. Само пет минути подоцна Артуро Видал зголеми на 2:0, а до крајот на првиот дел и Осман Дембеле се запиша меѓу стрелците.

Во вториот дел Лионел Меси со пре-преубав гол од слободен удар го затвори мечот во 78’ минута. Ова беше прв гол сезонава во Примера за Аргентинецот кој долго време отсуствуваше поради повреда, а и синоќа не беше потполно спремен.

После натпреварот, неколку фудбалери на Севиља, како и на сите други екипи кои играат против Барса, дојдоа до Лионел Меси за да го сменат дресот со него, но Лео пристојно им заблагодари и ги одби сите по ред.

На крајот самиот тргнал кон еден свој сонародник од Севиља и му понудил да ги сменат дресовите. Аргентинскиот Clarin пишува дека Меси е многу близок со Евер Банега, аргентинскиот репрезентативец кој играше и во Валенсија и во Севиља во минатото, а сега пак е дел од тимот од Андалузија.

Ова е најверојатно прв пат во кариерата на Меси тој прв да пристапи некому со цел да го смени дресот. Велат дека прави исклучоци само со блиски сонародници.

Банега и Меси играле во детските категории на Њуелз Олд Бојс, потоа Лео замина во Шпанија а Евер отиде во Бока. Повторно се сретнаа во репрезентацијата на Аргентина, првпат во 2008 година на Олимписките Игри во Пекинг каде „гаучосите“ освоија златен медал.

Заедно играа во неколку квалификации за Светски првенства, на Мундијал, како и во Копа Америка.