Мицкоски од Велес: Македонија е вечна, а власта не е!

269

Добар ден од градот јунак, добар ден од Велес и ви благодарам што денес, недела одвоивте од вашето време да ни се придружите овде, да бидете дел од нас за да изразиме нашиот револт и негодување кон сите овие ненародни и криминални политики предводени од оваа криминогена владата на СДСМ. Добредојдовте од градот на Рацин, Жинзифов, на Брашнаров, на Поп Јорданов. Добар ден од градот на Гемиџиите и добродојдевте овдека уште еднаш со нас. Кога ве гледам вака, горди, пркосни и исправени пред сите овие неправди кои што оваа ненародна влада, криминална влада предводена од аболиран политичар ги води во Република Македонија, не ми преостанува ништо друго освен да ја пренесам пораката која што изминатиот декември, овој студен декември, громогласно се пренесува низ улиците и плоштадите ширум Република Македонија, а тоа е МАКЕДОНИЈА Е ВЕЧНА, А ВЛАСТА НЕ Е! Да им порачаме МАКЕДОНИЈА Е ВЕЧНА, А ВЛАСТА НЕ Е!, вака го започна своето обраќање пред насобраните граѓани на денешниот протест лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Потенцираше дека повеќе од 19 месеци СДСМ се централна Влада во Република Македонија и повеќе од една година се локално раководство во најголемиот дел од градовите на нашата татковина. Што ни се случи изминативе скоро 19 месеци централна власт и повеќе од 1 година локална власт? Црнила и темнина.

„Многу луѓе ме прашуваат зошто зборуваш за економијата. Ќе зборувам за економијата се додека не им падне срам и додека не им биде жал за сите лаги кои ги изнакажаа ширум Македонија за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година и локалните избори во 2017. За сите ветувања кои што не ги исполнија и за сите очекувања кои што не ги реализираа, се дотогаш ќе зборувам за економијата. Затоа што ако имаме силна економија ќе немаме ваква недостоинствена и криминална влада и ќе немаме ваков премиер аболиран кои што сите ние го гледавме и слушавме како бараше евро за него, евро за црквата. Велеа, живот ќе донесат, темнина и црнила донесоа, порази на секој чекор и затоа овде од Велес каде што мене ми претставува особена гордост и чест да се обратам од овој град-херој, ќе им порачам колку побрзо замините, толку побрзо ќе и се раздени на Македонија а тоа ќе го видите веќе на следните претседателски избори.“

-Овој народ нема кратко помнење, овој народ се што го излажавте, ќе ви врати на следните претседателски избори, а на нас, на нас ни е неопходна победа и ве повикувам сите вас да застанете до предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија, за да може да победи и да може да си ја одбраниме Македонија и тоа што остана од нејзе, а другото што го загубивме да си го вратиме. Затоа ве молам и барам поддршка од името на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Подобра Македонија, подвлече Мицкоски.

Тој се наврати на економијата, велејќи дека економски силна држава е достоинствена држава и нема да биде подложна на сите овие неправди, омаловажувања и национални понижувања што ни се случуваат од оваа хунта на власт предводена од аболиран политичар.

„Ветуваа 5 проценти раст на БДП, кога целиот регион книжи двојно поголеми стапки на раст од нашиот, они се горди и велат еве со нашата пиши-бриши економија успеавме да покачиме во еден квартал 3 проценти. Зарем тука завршија сите ветувања од 5 проценти. Но, она што е полошо допрва доаѓа, а тоа ќе се случи во 2019 година и не го зборувам ова за да поткревам паника меѓу граѓаните, туку да предупредам на сите црнила и темнини кои што допрва ни доаѓаат. Не за бадијала ги зголемуваат даноците, затоа што се свесни дека не можат да ја зголемат економијата со проекти, визија и структурни реформи. Наједноставниот начин им е да брцнат во џебовите на граѓаните и да го наполнат помпезниот буџет за да можат да си делат тендери во четири очи, за да можат да крадат и пљачкаат. Заради тоа кажувам дека 2019 година која по трет пат од устата на овие политичари слушаме дека ќе била економска година, не само што нема да биде економска година, туку ќе биде година на економска стагнација и пљачка на граѓаните, од трудот кои што и она тешко им е платен.“, рече Мицкоски.

Секогаш кога зборувам емоции доаѓаат и тие емоции се големи и сакам да ги споделам со вас. Сопатници, браќа и сестри, овие даноци кои што планираат да ги зголемат не се затоа што ќе земеле од богатите и ќе даделе на сиромашните. Не е тоа целта на овие даноци. Целта е да ги осиромашат и земјоделците да ги осиромашат и оние граѓани кои издаваат определени недвижнини, оние граѓани кои што играат игри на среќа и се обложуваат, оние граѓани кои што работат како договорци на дело, затоа што персоналниот данок го зголемија и затоа што удираат директно по џебот на граѓаните и ќе ги осиромашат. Повторно ќе кажам, не е намерата само на оние најбогатите, тие и така ќе најдат начин како да се справат од ова даночно зголемување. Ударот е врз најсиромашните категории, врз земјоделците, врз обичните граѓани, врз нив ќе биде ударот во следната 2019 година, изјави Мицкоски.

„Потоа, ќе ви кажат дека го поскапеле само најевтиниот леб, излезе еден голем, висок функционер во владата на Зоран Заев и ќе каже го поскапевме само најевтиниот леб. Па како леб јадеме? Зарем има скап кој што е само за вас привилегираните и има најевтин кој што е за нас обичните луѓе? Зарем тоа го заслужија овие луѓе што ви дадоа доверба? Не го заслужија и затоа сме се побројни и затоа се повеќе не има во овој студен декември и ќе не има и до крај на декември и во јануари и во февруари, се додека не ве поразиме на следните претседателски избори.

А потоа доаѓаат и предвремените и на предвремените ќе ве поразиме.“, подвлече Мицкоски.