МИЧЕЛ: САД ги поддржуваат Македонија и Грција да најдат решение за името

200

САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко решение за прашањето за името. Македонија презеде големи чекори напред во ангажирањето во преговори со нејзините грчки соговорници и ова е одлична можност за доаѓање до решение. Многу е важно двете држави да продолжат со преговорите. Ова го порача американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Што се однесува до НАТО, нагласи дека поканата за членство не е поврзана со точен датум или настан.

– Но, мислам дека можеме да направиме сè што можеме за да го одбележиме напредокот и заложбите на САД, Македонија да стане членка и на НАТО и на ЕУ. Ова е наша заложба долги години и не е врзана со конкретен датум или настан, рече Мичел.

Тој додаде дека САД ја поддржува Македонија во нејзините евроатлантски аспирации и нагласи дека вратата кон НАТО останува отворена.

На новинарско прашање дали Вашингтон директно ќе се вмеша во преговорите за името, Мичел рече дека САД се поддржувачи на процесот, но дека двете држави треба самите да го решат.

Премиерот Заев во однос на решавањето на спорот за името изрази задоволство што процесот е влезен во финална фаза и ја потврди јасната подготвеност за вистински дијалог.

– Кога ви е тешко се викаат пријателите. Ние со Бугарија го решивме проблемот, дај Боже да им соопштиме на нашите пријатели дека постигнавме решение и со Грција. Ќе продолжиме со преговорите, но ако има проблем повторно очекуваме помош од нашите пријатели, рече Заев на новинарско прашање во однос на можноста за помош од страна на САД.

Посетата на Вес Мичел на Македонија е во рамките на неговата турнеја во регионот. Од Македонија тој заминува за Белград.