Моден микс: Модна ревија на македонски и бугарски компании

Со модна ревија и со промотивен видео запис ќе се презентираат 11 модни брендови од Македонија и Бугарија, вo сабота (04.11.2017) во галеријата „Безистен“ во Штип. Настанот е во организација на македонскиот Текстилен кластер во соработка со Моден викенд Скопје. Станува збор за производите на македонските фабрики „Астибо фешн груп“, „Амор-компани“, „Ист-комерц Санда“, „Кули“ и „Ларс“ и бугарските: „Бода стајл“, „Витал“, „Пирос“,„Нов свет“ , „Мартекс 2“ и „Валена“.

Ревиите се во рамките на пограничниот проект „Градење на интернационална конкурентност на текстилните компании во пограничниот регион МК-БГ“ кој Текстилно Трговско Здружение – Текстилен кластер од Македонија го спроведува во партнерство со Браншовата организација за текстил и облека од Бугарија.

-Целта на овој настан е да се подигне имиџот на текстилната индустрија преку промовирање на видео спот и преку заедничко претставување на колекции на текстилни компании од Македонија и Бугарија пред публика составена од државни и образовни институции, донорски организации и останати гости – вели Наташа Сивевска (извршен директор на текстилен кластер).

На модната ревија компаниите ќе можат да ги презентираат своите брендови и да дадат краток преглед на нивните капацитети, како и општествената одговорност и етичкото работење кои ги применуваат во своите компании. Воедно на настанот ќе се промовира новиот тв-спот кој го изработи Текстилниот кластер во склоп на проектот, кој што ги покажува силните страни на текстилната индустрија и е наменет за привлекување на нов млад кадар во истата.“