НАМЕСТО 300 ДА ПЛАЌААТ 850 ДЕНАРИ: Протест на вработените во Клинички центар по одлуката на Шилегов

92

На иницијатива на повеќе од 200 вработени во скопскиот Клинички центар, а со поддршка на синдикалните организации при споменатата здравствена институција, денеска во периодот на законски предвидената пауза од половина час, од 10 до 10:30 часот, на просторот на Хелиодромот во рамките на комплексот ќе се одржи протест против одлуката на Советот на Град Скопје за наплата на месечен билет за паркинг простор за вработените во центарот.

Вработените во скопскиот клинички центар истакнуваат дека освен што наплатата од 850 денари месечно за секој вработен ќе се одрази на буџетот на секој вработен во институцијата, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, со својата изјава длабоко го повредил достоинството на здравствените работници.

„Освен децидното не прифаќање на одлуката, ќе понудиме и предлози и здрави решенија во интерес на вработените, но и на пациентите“, се наведува во соопштението.

Вработените во Клинички, исто така, предупредуваат дека од среда како нареден чекор ќе преземат блокирање на наплатните места за користење на паркиралиштето.

„Паузата е време во коешто ќе покажеме дека нема повеќе да не’ цедите по џебот и да не навредувате како професионалци“, додаваат вработените во скопски клинички центар.

Град Скопје вчера донесе одлука вработените во Клиничкиот центар наместо 300 да плаќаат 850 денари месечна карта за паркирање на паркингот во кругот на болниците. По предлог на градоначалникот Петре Шилегов, се укинува повластената цена за паркирање која со години ја имале вработените на Клинички и се воведува цена како за сите правни лица кои користат месечни карти на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“.