НОВА КОЛЕКЦИЈА НА ЛУДУС – „ПОСТ-РОДОВОСТ I“

974

Идејата за општество сместено во иднината каде ги нема постоечките бинарни родови улоги е основата за колекцијата насловена како „Пост-родовост – Поглавје I“. Замислена како утописка ослободителна визија, авторот размислува за социо-културните импликации и директните односи со модата. Колекцијата е всушност составена од два дела, две поглавја, чијшто дијалог е фокусот на работата на етикета Лудус годинава.


Првото поглавје се состои од 20 целосни изгледи и над 50 парчиња облека изработени од природни материјали како памук, свила, лен и памучен сатен во препозатливите издолжени силуети, во монохромна или неутрално обоена палета. Главните производи на Лудус се памучните кошули, панталоните и мантилите и тие ја продолжуваат приказната започната со претходните колекции истовремено подигајќи го квалитетот на продуктот со неочекувана моделарска база и недекоративни функционални елементи.
Фотографијата за кампањата за оваа колекција е на Маријо Жупанов, соработник на брендот од Словенија, Мартина Ивановска е задолжена за шминката и фризурите и асистентот Ивана Секулоска. Моделите беа пронајдени преку кастинг на социјалните медиуми минатиот месец. Продукцијата на видеото е на Мирослав Илиќ.