Новогодишна честитка од Заев

298

Доаѓаме до крајот на една од најважните и најчувствителните години за нашата земја. Година на интеграциите.

Преку изградба на пријателство со соседот Грција, одговорно затворивме спор што Македонија ја влечеше надолу цели 27 години. Избравме иднина, наместо неизвесна изолација.

Денес, нашата држава е на чекор да стане 30тата членка на најмоќната алијанса во светот, НАТО.

Се подготвуваме за почеток на преговорите со Европската Унија, процес со кој градиме држава по европски стандарди и со што стануваме рамноправни со граѓаните од Европската Унија. Државноста се потврдува само во заедница со другите, а не во изолација.

Ја градиме Македонија да биде богата и современа држава, во која сите граѓани ќе имаат пристоен живот и благосостојба, за себе и за своите фамилии. Земја на инвестиции и модерна инфраструктура, земја на солидарност и заедништво, каде сите ќе се почитуваме меѓусебно и ќе си помагаме.

Почитувани граѓани,

Додека ја испраќаме 2018 година, во пресрет на деновите кога низ целата земја се собираат семејствата и пријателите за да се прослават празниците, да се подготвиме за моментите исполнети со радост, задоволство и просперитет на секој план. Направивме чекори кои овозможија сега тоа да зависи само од нас.