Нов силен земјотрес во Албанија, еден во серија од пет земјотреси

167

Нов земјотрес со јачина од 4,5 степени по Рихтер ја погоди утринава Албанија и тоа беше само еден во серија од пет земјотреси регистрирани во таа област до 10 часот.

Најновиот земјотрес бил забележан во 8:26 со епицентар во Тирана и на длабочина од 10 километри. Овој потрес го забележале и жителите на Косово и во делови на Хрватска.

Денес заседаваше и албанскиот Совет за национална безбедност. Обвинителството мора да ги изнесе пред правдата сите одговорни за пропустите кои довеле до човечките жртви и материјалната штета, изјави албанскиот претседател Иљир Мета по седницата.

Албанското министерство за одбрана соопшти дека во делови од Албанија од 26 ноември навака биле забележани вкупно 1.376 земјотреси.

Албанскиот сеизмолог Рапо Ормени кажа вчера дека биле забележани 1.300 послаби потреси во регионот на Драч и други делови од земјата и дека тоа е нормален процес за ослободување на енергијата по главниот земјотрес кој ја погоди Албанија на 26 ноември.

Од последиците на земјотресот со јачина од 6,4 степени по Рихтеровата скала вкупно загинаа 51 лице, а околу 2.000 се повредени. Околу 9.000 Албанци не можат да се вратат во домовите по земјотресот.