Објавен огласот за рурален развој, ќе трае два месеца

178
Ljupco_nikolovski

Општините и градоначалниците да подготват квалитетни проекти и да аплицираат на огласот за рурален развој, апелираат министерот за земјоделство Љупчо Николовски и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.

Како што соопштија на прес-конференција, огласот е објавен денеска и ќе трае не еден, туку два месеца, до 31 август.

Подобрување на условите за живот, обнова и развој на селата, како и зачувување и унапредување на традиционалните вредности, се трите мерки содржани во огласот чија цел е реализирање капитални инвестиции и рамномерен регионален развој.

– По 20 милиони денари за секој проект се проектирани за првата и втората мерка и по 15 милиони денари за секој проект за третата. Мерката „подобрувањето на условите за живот“ подразбира реконструкција и изградба на регионални и локални патишта, водоводни и канализациски системи, добиточни пазари,…., „обнова и развој на селата“ се однесува на реконструкција и изградба на селски улици, плоштади,…, додека „зачувување на традиционалните вредности“ значи инфраструктурно поврзување, озеленување на површините, креирање урбанистички планови,…, истакна директорот Бабовски.

За средствата од трите мерки, освен општините, може да аплицираат и центрите за развој на планските региони, а за третата мерка и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и ЈП „Македонски шуми“.

– Очекувам квалитетни проекти особено за капитални инвестиции. Затоа и огласот е пролонгиран, и наместо еден ќе трае два месеца, подвлече министерот Николовски.