ОСМАНИ: За нас нема голем и мал донатор, туку секој донатор е важен

158
Bujar-osmani

Во услови на реформски набиена агенда потребна ни е сета помош која ни стои на располагање, порача вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на донаторскиот состанок што денеска се одржа во Владата, на кој присуствуваа амбасадори и претставници на меѓународните организации, од донаторската заедница во земјата.

Како што информираат од СЕП, целта на состанокот беше да се постигне договор и разбирање за придонесот на донаторите во процесот на креирање, спроведување и следење на секторските национални политики и европска интеграција на земјата.

Во обраќањето пред присутните вицепремиерот Османи изрази благодарност и признание за големата посветеност на донаторската заедница во Република Македонија, која придонесува за поддршката на политичкиот, демократскиот и економскиот развој на земјата.

– Во време на брзи промени потребна ни е целата помош која ни е ставена на располагање и затоа за нас нема голем и мал донатор, туку секој донатор е важен во услови на амбициозната агенда на Владата, посочи Османи во воведното обраќање.

Тој се осврна и на новите потенцијали согласно пораките содржани во новата Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година, односно на придобивките што ѝ следат на Македонија, уште во пристапниот период.

Османи изрази уверување дека администрацијата подготвено ќе ги дочека зголемените средства за здравството, образованието, инфраструктурата, дигиталната агенда, поддршката за бизнисот итн., и ќе го адаптира капацитетот на апсорпција соодветно на новите потенцијали, како важен сегмент за конвергенција на сите општествени слоеви со оние на земјите – членки на Унијата.

Вицепремиерот Османи додаде дека реформите се најголем приоритет на реформската Влада и потсети дека во изминатите шест месеци, секако со значајна помош на донаторската заедница, активно се спроведувани реформи во повеќе области: во областа на правдата, управувањето со јавните финансии; потоа реформи во јавната администрација и во образованието; реформи за унапредување на вработувањето и за подобрување на транспортот; реформи во насока на заштита на животната средина и справување со последиците од климатските промени, итн.

Во наредниот периодот од донаторите очекува да дадат свој придонес кон спроведување на секторските политики, менување на институционалната култура насочена кон остварување на резултати и обезбедување на долгорочен ефект од реформите, со што би се обезбедила одржливост на придобивките од реформите и во иднина, соопшти СЕП.

Донаторскиот состанок е дел серијата состаноци со донаторите на ниво на секторските работни групи, но и на високо политичко ниво и претставува форум каде националните институции можат да ги презентираат своите приоритети, за кои имаат потреба од донации, од една страна, а од друга страна и донаторите можат да ги презентираат своите програми / стратегии како потенцијали за постигнување конкретни резултати кои се од заеднички интерес.