ОСМАНИ: Македонија е подготвена да ги дочека клучните датуми за евроинтеграцијата

144

Македонија во 2018 година подготвена ќе ги дочека клучните датуми за европските интеграции, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по средбата со Геновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан, која се одржа во рамките на генералниот Директорат за соседство и проширување во Европска Унија, (ДГ НЕАР).

Османи ја презентирал имплементацијата на планот „3-6-9“, реформите на безбедносните служби и на јавната администрација, реформи во правосудството, а очекувањата на Владата се дека, заедно со Собранието, потребните реформи ќе бидат имплементирани заклучно со февруари, пред излегување на стратегијата за проширување на Европската комисија.

На средбата со Калавера се разговарало и за искористувањето на средствата од ИПА, како и напредокот на т.н. ИПА мастер-план кој се подготвува во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

-Имавме исклучително успешна апсорпција на ИПА средствата во 2017 година, и најмалку што очекувам е во 2018 да продолжиме со исто темпо, но и да обезбедиме унапредување на капацитетот на ИПА-структурата, што ќе овозможи уште поголема искористеност на средствата од ИПА и директно ќе влијае на приближувањето на Македонија до стандардите и вредностите на ЕУ, истакна Османи.